(лирски есеј за Михаил Ренџов)
Ако сакаме накусо да ги објасниме препознатливите книжевни вредности на нашиот знаменит поет Михаил Ренџов, тогаш нашата главна преокупација би требало да се фокусира на неговата лирска димензија како автор, убавината како постојана инспирација во неговите дела, јасноста на стихот, препознатливата музикалност и секако ферсификаторското мајсторство, кое, посебно во вториот дел од неговиот творечки пат, прераснува во неодминлива вредносна карактеристика. Од неговата прва поетска книга „Иселеник на огинот“, објавена во далечната 1965 година, па до неговата последна книга „Зраци“ во 2023 година, неговиот поетски лак е во постојана нагорна линија. Тоа богато творештво го сочинуваат четириесетина библиографски единици, првообјави, преводи и поетски избори; една исклучителна и забележана книга раскази, две неодминливи и наградени поеми и секако неговиот мајсторски препев на легендарниот асировавилонски еп „Гилгамеш“. Неговото творештво секогаш било адекватно проследувано од македонската книжевната критика и тој е носител на највисоки државни награди и речиси на сите порелевантни книжевни награди во Македонија.
Денес, кога cè почесто се поставува прашањето за местото на поезијата во современото живеење и восприемањето на духовните вредности (ова отворено се поставува како дилема што ги поврзува сите генерации во македонската поезија), треба постојано да се потсетуваме на поетите што оставиле траен белег во нашата поезија, за да не дојдеме во состојба кога заборавот ќе покрие сѐ. Примери за ова во нашата поезија има многу, но поводот за овој есеј не е тоа. Имено, оваа година се навршуваат деведесет години од раѓањето на Михаил Ренџов и пред нас, како негови современици, се испоставува потребата тој јубилеј да го одбележиме достоинствено и со дигнитет каков што заслужува творештвото на Ренџов.
Ако се исклучат академските и формалистичките објаснувања за „важноста“ на поезијата, тогаш навистина некој може да почне да размислува за едно погубно и релативистичко размислување за поезијата – дека таа била нешто некогаш, а денес во ова време на сѐ позачестени „сајбер-вредности“ е нешто друго, кое заслужува поинаква јавна рецепција, вреднување и објаснување. Сведоци сме дека во таа насока cè повеќе се размислува, а притоа се заборава дека токму поезијата беше семето од кое изникна нашата богата книжевност. На ова секако влијаат многу општествени, социјални и вонкнижевни случувања. За тоа, за евентуалната можност од катастрофално маргинализирање на поезијата, останува да размислуваат идните социолози на културата во нашата држава!
Морав да направам ваква дигресија за да ја посочам моменталната состојба, која може да ескалира во нов „вредносен суд“ (вредно да стане тоа што нема вредност), но се надевам дека никогаш нема да дојде до тоа. Во еден таков историски контекст, кој треба да ја насочува иднината, поезијата на Михаил Ренџов е еклатантен пример за доминација на поетскиот сензибилитет и вредност. Неговата огромна поетска енергија и високото место во македонската поетска пирамида не може да ги истурка новата етаблирана естетика, која пополека се втурнува во книжевноста и јавното размислување. Објаснувањето на поетскиот пат на Ренџов не треба да биде ништо повеќе од повторување на вечните поетски доблести – дека тој е поет што живеел за поезија, за убавото, верувал во луѓето и секогаш знаел дека тој пат е вистинскиот. Сите академски формулации за објаснување на поезијата и на поетскиот поглед на светот надвор од поетовите очи, секогаш поаѓаат од некакви парадигми што на поезијата ѝ додаваат некои други карактеристики. Тие даваат некакви објаснувања, но, по некое непишано правило, можат да бидат спротивни од основното објаснување на творечко и егзистенцијално постоење на самата поезија. Таа е надвор од сите времиња и секое ново читање дава нови одговори. Затоа толкувањето на поезијата на вистинските поети не треба да го бараме премногу во теории и анализи. Тоа е како да држите пеперутка в раце – ќе ја пуштите и таа ќе одлета, но поленот и животната светлина ќе останат на вашите раце! Одговорите постојат само во нивната поезија, како имагинација, огледало исполнето со визии, јазичното богатство што кај секој поет е со различна големина, комуникацијата со реалноста и враќање на минатото во неа, животното постоење и во креативниот поглед на поетот во тој мозаик од животни елементи.
Кај Ренџов поезијата се раѓа како светлината, бликнува; се разбира ако ја гледаме како што треба. Светлината може да заслепи, но и да те внесе со голема сила во храмот на убавото, во единствениот храм на поезијата и постоењето. Ренџов одамна е во тој храм! Поезијата е секаде околу поетот, во луѓето што со своето битисување, вредност или постапки го повикале поетот да пишува за тоа, или во природата што го создала сето тоа. Таа се огледува во неговите песни инспирирани од историски личности и случувања; од современиците и луѓето што ги сакал и го опкружувале да крајот на животот. Потоа во настаните што го сочинуваат животот, од почетокот на постоењето па до смртта како составен дел на тоа. Оваа ретроспектива на животната поставеност особено е нагласена и во неговата единствена прозна книга „Захариј и други раскази“. И секако местата каде што се случува тоа. Митските поетски места на Ренџов се неговиот роден крај, приказните за потеклото и домот како отворен простор во кој започнува и завршува cè. Ренџов е поетски воин што тргнал во освојувањето на светот со поезијата и нејзината сестра музиката. Тие што го познаваа Ренџов сигурно ќе се сетат на неговата љубов со окарината и нејзиниот лечебен глас. Посебно место во поетската митологија на Ренџов имаат манастирот во Нерези, крај Скопје, и животот во неговата близина. Овие убавини се постојано присутни кај Ренџов, посебно во втората половина од неговиот живот. Во неговото творештво тоа место станува доминантен столб на креацијата. Тој таму зборува со фреските, светците. природата и со сите животни теми што тоа населување ги носи. Тоа Ренџов го доживува како животен патоказ што мора да се изоди. Во песната „Се населив тука“ го поистоветува домот со песната и вели: „Се населив тука / како што песната / поетот си го населува / и постоев така“.
Песните на Ренџов можат да се читаат издвоено, но нивната главна карактеристика е унисоната лирска сила, која постои како оформувач на тоа богатство од сите животни дискурси што како посебен јазик поетот мајсторски ги компонира во една голема целина, која опфаќа музика, рефлексија, исповед, среќа, тага и борба за вистинитост.
Звучноста во поезијата на Ренџов оформува едно посебно чувство кога се читаат неговите песни. Ритамот во песната создава поинакво значење, кое на зборовите им дава моќ во мал обем да искажат големи чувства. Музиката во поезијата на Ренџов е неговиот идеал, а знаеме дека без него нема поезија има само пишување.
Покрај овие карактеристики, високодоминантно место во неговата поезија има Убавината. Лирската структура на песната, организацијата на стихот, лексиката, синтаксата и тоналитетот строго се поставени во „служба“ на убавината. Овде убавината не е само естетска категорија или само манифестирање визуелна добрина. Во неговите стихови убавината е субјективна естетска сила што го води кон совршенството низ страшна битка. Во својата антологиска песна „Благослов за убавото (искушение)“, поетот обраќајќи си се себеси вели: „Убавото убива, убавото гори, сече / Вител е во кој плотта гаси / Бегај од него, барем душата ја спаси / Остани што си: темен, нем недоречен / …. Ова поетово искушение пред моќта на убавото завршува со емотивниот мисловен заклучок на крајот од сонетот : „… Реков: кога за вратот јаже јас би бирал / Јас пак Убавото јаже би го избрал“.
Овој мал омаж за нашиот Михаил Ренџов не би бил целосен ако не ги споменеме неговите две маестрални поеми „Тој“ и „Предвесница“, кои се овенчани со наградата „Григор Прличев“, капиталниот превод на асировавилонскиот еп „Гигламеш“ и веќе споменатата книга раскази, која со објавувањето и освојувањето на наградата „Рациново признание“ предизвика големо внимание во нашата книжевна јавност. Таа книга е исполнета со многу реални и надреални наративи, но поетската моќ на Ренџов и таму е доминантна. Тој во секој расказ раскажува посебна поетска приказна. Тука би го издвоил расказот „Ордените на Нуне Волта“, каде што авторот со еден магичен реализам го убедува читателот дека јунакот на расказот, Нуне, со поезија може да победи војска и за тоа да добие орден.
Овој лирски приказ за големиот поет Михаил Ренџов ќе го завршам со неговите стихови од „ Јас, Елегии“:
Таков сум – каков што сум:
Не безгрешен, туку грешен,
Гладен, страден, безутешен,
Таков сум – каков што сум…
Братислав Ташковски































