Даниела Андоновска-Трајковска, поетеса

Стихозбирката „Ако не се отвори фиоката, мачката ќе биде жива“ од Даниела Андоновска-Трајковска е добитник на наградата „Антево перо“ за 2026 година.
Откривањето на личната суштина е филозофско патување на кое секој поет не се осмелува да тргне. Самоспознавањето преку песна понекогаш може да биде тежок процес во кој поетот одново се пресоздава и одново се раѓа во зборот и тој станува негов начин на постоење и откривање. Кога еднаш се зачекорува по тој пат, песната станува простор во кој секој може да разговара со самиот себе. Таков дијалог се води во збирката со несекојдневен наслов „Ако не се отвори фиоката, мачката ќе биде жива“ од Даниела Андоновска-Трајковска, добитничка на наградата „Антево перо“ за 2026 година. За поезијата и збирката разговараме со Даниела Андоновска-Трајковска

„Антево перо“ е едно од најзначајните признанија за современото македонско поетско творештво. Што значи за Вас оваа награда, особено кога доаѓа во конкуренција од 115 поетски ракописи?
Добивањето на наградата „Антево перо“ за мене е голема чест, но и одговорност, поради фактот што го носи името на еден од најзначајните македонски поети. Анте Поповски е поет што ја препознавал поезијата во сѐ што постои, во секоја тревка и стапалка, поет што со леснотија ја претворал во поетска обичната лексика дефинирана во речникот на македонскиот јазик, вечниот трагач по зборот, поет на сликата, мигот, коските, земјата, татковината, каменот, огнот, птиците и вечноста, поет што нѐ научи дека „ништо не исчезнува/и дека во збор продолжува да трае“ (Кога би се случувало тоа). Особено ми значи тоа што мојот поетски ракопис е награден во конкуренција од рекордни 115 поетски ракописи пристигнати на конкурсот, секој со своја поетика и идејна поставеност, од стручна жири-комисија, која излезе со извонредно образложение за награденото дело и длабока прочит на моето поетско писмо.
Насловот „Ако не се отвори фиоката, мачката ќе биде жива“ веднаш го воведува читателот во светот на Шредингеровата мачка, но и во прашањето за можноста, неизвесноста, животот и смртта. Како настануваше оваа метафора во Вашата поезија и како се наметна насловот?
Шредингеровата мачка од насловот е метафора за онтолошката неизвесност и за човечката потреба да ги зачува можноста и надежта. Фиоката ја претставува границата меѓу она што го знаеме и она што сè уште не е определено; нејзиното отворање значи конечна проверка, но и губење на можноста да постои поинаков исход. Затоа реченицата „ако не се отвори фиоката/мачката ќе биде жива“ укажува на парадоксалната филозофија на надежта: животот не е само тоа што можеме да го докажеме туку и тоа што одбиваме предвреме да го прогласиме за мртво. Во светот на песната, човекот е поставен меѓу две можности – да ја отвори фиоката и да се соочи со конечноста или да ја остави затворена и да го зачува просторот на имагинацијата при што не се негира реалноста, туку се брани човековата способност да не биде целосно дефиниран од неа. Ако медиумската стварност постојано ни покажува што е мртво преку тридимензионалните некролози со кои нѐ бомбардираат секојдневно креаторите на политиките и создавачите на светскиот општествен поредок, поезијата се обидува да го зачува тоа што сè уште може да оживее. Мачката затоа е и симбол на надежта и симбол на самата поезија – додека не ја отвориме фиоката на конечните значења, зборот сè уште може да создаде нов хоризонт. Во тој меѓупростор меѓу фактите и можностите, меѓу смртта и замислениот живот, песната го пронаоѓа своето најважно егзистенцијално прашање: дали човекот е само пасивен сведок на светот што му е даден или има храброст да замисли и да создаде свет што сè уште не постои?

Што спакувавте меѓу кориците на „Ако не се отвори фиоката, мачката ќе биде жива“…? Какви сеќавања, емоции, размисли, пораки…?
Книгата содржи 50 песни, распоредени во шест тематско-мотивски циклуси. Во првиот циклус се поставува едно од клучните метапоетички прашања на книгата: што е песната и каква е нејзината природа, а потоа сите следни циклуси го дополнуваат сознанието дека сѐ што постои околу нас е поезија и дека уметноста на живеењето се состои во можноста да се живее во сегашниот миг наместо во спомените и дека човекот како хомо креатор или хомо поетикус ја има моќта да ја создаде својата реалност меѓу бесконечните можности на реализација на мислата и дека сѐ е право на избор. Мислата, од друг страна, може да биде толку моќна што од обичен графит (трага оставена со молив врз хартија) може да создаде дијамант преуредувајќи ги атомите јаглерод – односно да создаде песна во која нема да има ниту една слаба алка што ќе го загрози нејзиното постоење. Така создадената песна ќе ја има моќта да го погледне светот со остар поглед и да биде непристрасен критичар на дехуманизацијата и обесчовечувањето. Сепак, иако можеби сето ова звучи апстрактно, оваа поетска книга содржи топла лирика и богата метафорика за конкретното човечко постоење во време и простор, за љубовта, страдањата, потрагата по смислата, свесноста дека сме обликувани од миговите што сме ги живееле со луѓето што биле дел од нашите животи, со нашите родители и нивната борба со конечноста, со луѓето што ги сакаме и што сме имале среќа да ги најдеме за да бидат со нас од едно до друго трепнување на окото или малку подолго од тоа, но и со тие што ни го отежнуваат животниот пат, бидејќи ако не биле тие, ние никогаш немало да бидеме ние. Оваа книга го истакнува и фактот дека времето не постои во класична смисла на зборот и не тече, туку тоа е обид на човекот да даде логично објаснување за промената што се случува во него и околу него. Оттука, промената на перцепцијата за времето и свесноста дека среќата не треба да ја бараме надвор од нас, туку во нас, во нашето јас, кое е во симбиоза со сѐ што е видливо и невидливо на овој свет и сите светови и можности за реализација и опредметување на мислата со силата на љубовта, е нешто што верувам дека ќе му го врати човекот на човештвото.


Жирито ја опишува Вашата збирка како филозофско и поетско истражување на самоспознавањето, изградено врз спротивности… видливо и невидливо, минливо и вечно, можност и конечност. Дали за Вас пишувањето поезија пред сè е начин да го разберете светот или начин да се разберете себеси?
Песната во оваа книга не е претставена единствено како јазична или естетска конструкција, туку како автономен субјект со сопствена волја, движење и онтолошка моќ. Таа го набљудува поетот „со очи на новороденче“, но истовремено кон него се однесува безмилосно, бидејќи го набива како клинец во неговото тело. Во оваа парадоксална слика се воспоставува сложениот однос меѓу поетот и песната: поетот ја создава песната, но и самиот е обликуван, повреден и преосмислен од неа. Песната е претставена како храбар и непокорлив субјект што не му се потчинува на линеарното време. Таа си поигрува со неговите граници, изведува „акробации во воздухот“ и, за разлика од човекот, не старее – „нема брчки на лицето“. Оттука, песната добива специфична форма на безвременост: иако настанува во конкретен историски и личен миг, нејзиното траење ги надминува границите на моментот во кој е создадена. Таа го кажува токму тоа што треба да го каже – ни повеќе, ни помалку, така што секој збор има своја семантичка тежина и функција. Оттука, поетскиот јазик не е само средство за комуникација туку прецизно организиран простор во кој значењето се конституира преку односот меѓу зборовите и молчењето. Иако песната е физички затворена меѓу две корици, нејзиното вистинско постоење се одвива во поширок, речиси безграничен простор. Таа „живее“ насекаде, а нејзината автономија оди дотаму што добива моќ сама да го избере својот читател. Со тоа се релативизира традиционалната хиерархија меѓу авторот, делото и читателот: песната не е пасивен објект што чека да биде прочитан, туку активен субјект што воспоставува однос со оној што е подготвен да ја препознае. И сѐ е во суперпозиција – песната постои потенцијално насекаде околу нас, но нејзината конечна реализација се случува во мигот на препознавањето. За да зафати сопствен семантички простор, потребен е погледот на поетот за да го издвои невидливото од видливото, да му даде форма на неименуваното и да ја „закачи“ песната на ѕидот на вечноста. Поетот се појавува и како посредник меѓу материјалниот и духовниот свет, како медиум низ кој нешто што му претходи на јазикот се претвора во јазичен знак. Во таа смисла, и поетот станува писмо. Една од значајните идеи во оваа книга е дека песната има гносеолошка функција, бидејќи, освен што е естетски субјект/објект, таа е и средство за спознавање на светот. Нејзината специфична моќ е токму во способноста да го види тоа што човекот не може, препознавајќи ерозијата на човечкото во свет обележан со војни, глад, опресија и сиромаштија. Таа станува своевиден сведок на распаѓањето на човечката душа, но и инструмент за негово именување. Во оваа поетика се појавува и мотивот на човечката немоќ да го воспостави конечниот поредок на значењето. Човекот се обидува да ги подреди зборовите, да ги стави под контрола и да ги задржи во својот видокруг. Но секој таков обид останува недовршен, бидејќи постои нешто што постојано ѝ се измолкнува на човечката контрола. Тоа е небото – простор што во рамките на циклусот може да се чита и како метафора на бесконечното, недостижното и трансцендентното. Небото не може да се затвори меѓу корици, да се сведе на конечен исказ или целосно да се подреди на човековата рационална потреба за ред. Токму во оваа напнатост меѓу конечното и бесконечното, меѓу зборот и неизреченото, меѓу поетот и тоа што му претходи, се конституира основната метапоетичка визија. Песната е истовремено создадена и откриена, материјална и духовна, лична и надлична. Таа му припаѓа на поетот, но никогаш не може целосно да биде негова. Нејзината вистинска моќ се појавува токму во просторот што останува отворен – во тоа што не може докрај да се именува, да се контролира или да се затвори. А над тој простор, како последна граница на човечкото спознавање и последен знак на недофатливото, останува небото.


Што мислите дека може да направи поезијата денес, во време на брз ритам на животот, постојан проток на информации, живот во дигиталниот свет…?
Човекот, освен што е биолошко суштество, е и социолошко и филозофско битие и хомо креатор и хомо поетикус и никогаш нема да престане да ги бара одговорите на најстарите егзистенцијални прашања. Сепак, живееме во време на технократија и автократија, која се крие под маската на демократијата и владее со глобалното општество и секоја клетка од него. Наместо технологијата да ни биде алатка што би ни го олеснила животот и би ни овозможила време во кое ќе можеме слободно да живееме и да ја бараме смислата на животот посветувајќи се на луѓето што ги сакаме, таа уште повеќе ни краде од времето и нѐ заробува во светот изграден од единици и нули. Во суштина самите си го правиме тоа, а мора да признаеме дека живееме и во време на екстремности: од една страна го имаме хедонизмот качен на пиедестал, а од друга страна – сѐ уште е актуелен проблемот со светската сиромаштија, која на многу деца им го има украдено детството, но и иднината. Згора на тоа, светот никогаш не престанал да боледува од потребата да биде во војна со самиот себе. Сето тоа овозможува да се менува идејата за човечките вредности и доблести, но и да се оди кон безидејност во постоењето и битисувањето и луѓето во кои сѐ уште живее човечноста веќе стануваат малцинство и се поставува прашањето кој е луд, а кој нормален во свет во кој смислата престанува да има смисла и што е останато да се спасува, ако воопшто може да се спаси. Песната во суштина е херојот на нашето време. Но тука не мислам на песната што е крајно избанализирана и која се чита на секоја обилна трпеза, не мислам на песната што на медиокритетски начин сака да привлече внимание со голотија и вулгаризација на изразот, ниту на онаа песна што инстант се создава за потребите на некој конкурс или по нарачка, ниту на песната што од егоистични причини се качува на сцената и ги затапува мозоците со празни лелеци, излитени фразеологии, срцепарателни изјави зад кои се крие лажен патриотизам или патетична љубов. Тука мислам на песната што излегува од примордијалната тишина и која секогаш е нова и свежа и своја и оригинална и автентична и неповторлива и која никогаш повторно во истата форма не може да биде напишана, дури и од сопствениот творец. Песна што има капацитет да го застане времето и да го продолжи траењето на мигот за да нѐ натера да се сетиме кои сме и зошто сме тука, песна што ќе нѐ натера да се соочиме со самите себе, да се пронајдеме и да почувствуваме дека не сме сами, а најмалку осамени и дека секој човек на планетата Земја си има свој човек со кого може да размени збор-два без да проговори, секое живо суштество, сѐ што е живо е во најдиректна врска поврзано со нас и дека секогаш кога човек крева рака на другиот, тоа е исто како да крева рака на себеси.