Ретки фотографии од македонското револуционерно минато изложени во МАНУ на изложбата „Револуција во кадар“

  • Изложбата „Револуција во кадар“ уште еднаш потсетува дека старите фотографии не се само избледени слики од минатото. Тие претставуваат живи сведоштва за жртвите на генерациите што го трасирале патот на македонската национална и револуционерна борба, оставајќи зад себе визуелно наследство од непроценлива вредност

По повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, во Галеријата на Македонската академија на науките и уметностите беше отворена изложбата „Револуција во кадар“, на која пред јавноста беа претставени десетици оригинални фотографии од богатите приватни колекции на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски. Изложбата претставува уникатен визуелен преглед на повеќе од четири децении од македонската револуционерна историја, опфаќајќи го периодот од формирањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, па до драматичните политички случувања и идеолошки превирања што го обележале периодот до 1934 година. Посетителите имаа можност да видат автентични фотографии на македонски револуционери, војводи, комити, интелектуалци, црковни дејци, како и жени што активно учествувале во националноослободителното движење. Покрај добро познатите историски личности, изложбата открива и голем број помалку познати дејци чии имиња ретко се среќаваат во јавноста, но кои оставиле свој белег во македонската историја.
Посебна вредност на поставката е тоа што значителен број од изложените фотографии досега никогаш не биле јавно презентирани. Некои од нив за првпат ги откриваат лицата на личности што досега биле познати само преку архивски документи, мемоари и пишани историски извори. Станува збор за оригинални фотографски артефакти што со години биле внимателно собирани, проучувани и идентификувани во рамките на долгогодишен истражувачки процес насочен кон зачувување на македонското фотографско наследство. Ова наследство денес е расфрлано низ различни архиви, библиотеки, антикварници, семејни архиви и приватни колекции во повеќе земји, па токму затоа пронаоѓањето и документирањето на секоја фотографија претставува значаен придонес во реконструкцијата на македонската историска меморија.
Поставката е концепциски поделена на три тематски сегменти. Во првиот се обработува периодот пред и непосредно по Илинденското востание, вториот е посветен на Балканските војни и Првата светска војна, додека третиот го следи развојот на македонското револуционерно движење во меѓувоениот период, заклучно со 1934 година. Според рецензентите на изложбата, проф. д-р Никола Жежов и проф. д-р Теон Џинго, особен квалитет на проектот е неговиот научен и истражувачки пристап. Наместо фотографиите да бидат прикажани низ тесна идеолошка призма, изложбата обединува личности од различни организации, политички убедувања и револуционерни струи, овозможувајќи пошироко и покомплексно согледување на македонското револуционерно минато. Изложбата „Револуција во кадар“ претставува продолжение на проектот „Лицата на револуцијата“, реализиран пред три години, и ја продолжува мисијата за откривање, истражување и јавно претставување на реткото македонско фотографско богатство.
Еден од авторите на изложбата, Душко Апостолоски, истакнува дека годините истражување покажале колку е важно внимателното утврдување на идентитетот на личностите прикажани на старите фотографии.
– Често се случува продавачи што недоволно го познаваат периодот српскиот четник да го претстават како комита на ВМРО или обична ловечка група да биде прикажана како револуционерна чета. Затоа секоја фотографија мора внимателно да се анализира и провери – нагласува Апостолоски.
Особено значаен момент е обединувањето на неговата колекција со онаа на Диме Ратајкоски. Според Апостолоски, со тоа се создала единствена архивска целина што нуди речиси заокружен визуелен увид во најбурниот период од македонската револуционерна историја.
– Со спојувањето на мојата колекција и колекцијата на Диме Ратајкоски создадовме вистински визуелен сеф на македонската револуционерна историја. Наместо материјалот да остане распрснат на различни места, денес имаме една единствена колекција што овозможува поцелосно разбирање на периодот од 1893 до 1934 година – вели Апостолоски.
Целта на авторите е ова значајно историско богатство да не остане затворено во приватни архиви, туку да им биде достапно на историчарите, истражувачите, академската јавност и идните генерации.

– Сакаме историчарите, академиците и младите научници да добијат пристап до проверени, автентични и добро документирани извори што ќе им помогнат во нивните истражувања и научни трудови – додава Апостолоски.
Тој посочува дека соработката меѓу него и Диме Ратајкоски е пример дека зачувувањето на националното наследство бара заедништво, а не лични амбиции.
– Јас живеам во Австралија, Диме е во Скопје, но двајцата имаме иста цел и иста визија. Спојувањето на нашите колекции е доказ дека кога станува збор за Македонија и историската вистина, нема место за суети – вели Апостолоски.
Изложбата „Револуција во кадар“ уште еднаш потсетува дека старите фотографии не се само избледени слики од минатото. Тие претставуваат живи сведоштва за жртвите на генерациите што го трасирале патот на македонската национална и револуционерна борба, оставајќи зад себе визуелно наследство од непроценлива вредност. Д.Ст.


Фотографии пренесувани од генерација на генерација

За Душко Апостолоски, темата на ВМРО не е само историски интерес туку и длабока лична и национална мисија. Неговата пасија за собирање фотографии од македонското револуционерно движење произлегува од уверувањето дека токму преку нив минатото станува опипливо и човечко.
– Едно е да читаш за Гоце Делчев, Даме Груев или некој анонимен комита во учебник, а сосема друго е да му ги погледнеш очите преку објективот. Фотографијата го прави минатото опипливо – вели Апостолоски.
Според него, секоја фотографија на војвода или комита претставува многу повеќе од историски документ. Таа е сведоштво за генерации луѓе што свесно ги жртвувале својата младост и живот за слободата на Македонија.
– Секоја фотографија на војвода или комита е сведоштво за луѓе што биле свесни дека можеби се сликаат за последен пат пред да заминат во битка. Тоа е визуелен споменик на нивната жртва – вели Апостолоски.
Токму поради тоа, фотографирањето на револуционерите често претставувало важен чин пред нивното заминување во Османлиска Македонија. Апостолоски објаснува дека голем број припадници на ВМРО се фотографирале во познатите ќустендилски фотоателјеа на Анастас Новев и Иван Хаџиколев непосредно пред преминувањето на границата. По големите историски пресврти, како Илинденското востание, Балканските војни и Првата светска војна, голем број Македонци биле принудени да ја напуштат татковината и да заминат во Бугарија. Со себе не носеле материјално богатство, туку највредните спомени од своите семејства и од револуционерната борба.
– Стотици илјади луѓе од Македонија емигрирале во Бугарија. Со себе во куферите не носеле богатство, туку најмилото – семејните албуми и спомените од четите. Поради тоа таму останал концентриран огромен визуелен материјал – нагласува нашиот соговорник.
Во самата Македонија чувањето на ваквите фотографии често било опасно поради војните, политичките притисоци и различните рестрикции.
– Наспроти тоа, македонските семејства во Софија, Пловдив и Варна ги зачувале како вистински реликвии. Македонската емиграција ги чувала овие фотографии како светост во своите домови, пренесувајќи ги од генерација на генерација – посочува Душко Апостолоски.
Токму затоа, Апостолоски својата работа не ја гледа како обично колекционерство, туку како враќање на делови од изгубената национална меморија.
– Мојата мисија како колекционер е да ги пронајдам тие парчиња историја што со децении стоеле по приватни архиви на потомците во Бугарија и да ги вратам назад дома, во Македонија, каде што и припаѓаат – вели Апостолоски. Д.Ст.