„Младите денес се мрзливи“, „не сакаат да работат“, „немаат почит кон авторитетите“ – вакви забелешки не се нови. Психолозите дури имаат име за тенденцијата постарите генерации да ги гледаат младите како полоши од себе: „kids these days“ ефект, односно уверување дека „децата денес“ се во опаѓање во споредба со оние од минатото.
Во пет експерименти со повеќе од 3.400 луѓе, психолозите Џон Протцко и Џонатан Скулер од Универзитетот во Калифорнија во Санта Барбара откриле дека луѓето особено ги критикуваат младите за особини во кои самите се сметаат за добри. Оние што повеќе почитувале авторитет почесто верувале дека денешните деца немаат почит, а луѓето што многу читале биле посклони да сметаат дека младите денес читаат помалку. Истражувањето е објавено во списанието „Сајенс адвансис“.
Еден од механизмите што го објаснува ова е начинот на кој го паметиме сопственото минато. Луѓето имаат тенденција несвесно да ги пренесуваат своите сегашни особини врз сликата што ја имаат за себе како деца и млади. Така минатото изгледа подобро, а сегашната генерација полошо отколку што навистина е.
Свежи податоци од Харвард дополнително ја комплицираат сликата за генерацијата З како „мрзлива“. Истражување на Харвардската школа за образование, спроведено со „Галуп“ и „Фондацијата Волтон“, покажало дека 79 проценти од испитаниците од генерацијата З сакаат работа што главно им овозможува да им помагаат на други луѓе или да прават нешто корисно за општеството. Ричард Вајсбурд, кој го води проектот „Грижата да стане заедничка вредност“ (Making Caring Common), вели дека резултатот е во спротивност со карикатуралната претстава за младите како себични и незаинтересирани за работа.
Тоа не значи дека разлики меѓу генерациите не постојат. Помладите работници почесто бараат флексибилност, смисла во работата и јасна повратна информација, а дел од работодавците забележуваат и недостатоци во практичните и комуникациските вештини. Но тоа е различно од заклучокот дека цела генерација едноставно „не сака да работи“.
И една нова метаанализа објавена годинава, со податоци за повеќе од 418.000 деца и млади од последните четири децении, предупредува дека едноставните приказни за „генерациско пропаѓање“ често не се поткрепени со податоци. Авторите заклучуваат дека младите генерации можеби се соочуваат со поинакви проблеми, но тоа не значи дека генерално стануваат „полоши“.































