Фото: DIM-ESEE 2026

Македонија отвора можности за соработка со хрватски академски институции во истражувањето и развојот на геотермалните ресурси. Основи за институционално партнерство беа поставени на меѓународната конференција DIM-ESEE 2026, која се одржа од 21 до 23 октомври во Загреб, Хрватска, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

На конференцијата, посветена на развојот и иновациите во искористувањето на минералните ресурси во Источна и Југоисточна Европа, учествуваше државниот советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Филип Петровски. Тој ги претстави стратешките приоритети и реформските активности на Министерството во областа на геологијата и рударството.

Во рамки на сесијата за националните стратегии за управување со минералните ресурси, Петровски ја презентираше Стратегијата за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година.

Акцентот беше ставен на минералниот потенцијал на државата, долгорочните развојни цели, дигитализацијата на геолошките податоци, подобрувањето на условите за инвестиции и одржливото управување со ресурсите, со примена на современи технологии и високи стандарди за заштита на животната средина.

Петровски учествуваше и на панел-дискусијата „Геополитичкото и геоекономското значење на Југоисточна Европа – можности и пречки“, на која се разгледуваа стратешката важност на минералните ресурси, регионалната соработка и улогата на регионот во обезбедувањето критични суровини за европската енергетска и индустриска транзиција.

Како еден од позначајните резултати од учеството се издвојува договорот за воспоставување соработка со Рударско-геолошко-нафтениот факултет при Универзитетот во Загреб. На билатералната средба со деканот, проф. д-р Боривоје Пашиќ, била договорена заедничка подготовка на проектна апликација во рамки на европската програма „Хоризонт Европа“, насочена кон истражување и развој на геотермалните ресурси.

За време на конференцијата биле одржани и работни средби со претставници на државни институции, универзитети, геолошки служби и компании од регионот и Европа. Разменетите искуства и добри практики, особено во делот на законодавството и управувањето со минералните ресурси, ќе бидат земени предвид и во тековните активности на Министерството за подготовка на новиот Закон за рударство и Законот за геологија.

Целта е унапредување на законската рамка и нејзино усогласување со европските стандарди, како и создавање услови за одржлив развој на секторот.

Од Министерството посочуваат дека учеството на DIM-ESEE 2026 е дел од континуираните напори за зајакнување на меѓународната соработка, промоција на националниот минерален потенцијал и воспоставување нови партнерства за развој на модерен, конкурентен и одржлив рударски сектор.