Од запуштена нива до профитабилен агробизнис
- Наместо традиционалните култури, лековитите и ароматичните растенија можат да отворат нови пазарни можности, особено за малите производители и за сопствениците на неискористено земјиште
Запуштените ниви, необработените парцели и земјиштето на кое традиционалните култури тешко успеваат не мора да бидат неискористен земјоделски потенцијал.
И помалата нива може да донесе вредност
Примерите од Србија покажуваат дека лековитите и ароматичните растенија, како лавандата, смилот и белиот слез, можат да бидат основа за поинаков пристап кон земјоделството и дополнителен извор на приходи. Во време кога производството на житни и други традиционални култури е изложено на променливи цени и растечки трошоци, вреди да се размислува и за култури што на пазарот се бараат како суровина за козметичката, фармацевтската и за прехранбената индустрија.
За Македонија, со нејзината разновидна клима, сончевите денови и големиот број помали земјоделски парцели, ова е можност што заслужува сериозна анализа. Лавандата и смилот можат да бидат интересни за посуви и сончеви терени, додека белиот слез бара соодветни почвени и влажносни услови.
Одгледувањето е само првиот чекор до заработка
Вистинската вредност на ваквото производство не е само во одгледувањето туку и во тоа што се случува по бербата. Етеричните масла, сувите цветови и корените од лековити растенија можат да бидат суровина за производи со повисока додадена вредност. Српското искуство, според опсервациите на професори од белградскиот Факултет за земјоделство, укажуваат и на исклучителниот интерес на странските купувачи за етерични масла и суровини наменети за козметичката и фармацевтската индустрија и обрнуваат внимание на т.н. загарантиран пласман. Но, исто така, тие додаваат дека ова не е бизнис во кој треба да се влезе на слепо.
– Пред да се засади првата парцела, неопходно е да се испитаат почвата и климатските услови, да се пресметаат трошоците за садници, работна сила, сушење или за дестилација и, најважно, да се обезбедат сигурни купувачи – велат за јавноста професори од Земјоделскиот факултет.
Идеја со потенцијал за сигурен бизнис
За македонските земјоделци, особено за младите што сакаат да започнат сопствен бизнис и за семејствата што располагаат со неискористено земјиште, лековитите и ароматичните растенија можат да бидат дополнителна можност за развој. Наместо да се бара заработка само во поголеми површини и поголеми приноси, можеби вреди да се размислува и за производи што се продаваат во помали количества, но бараат квалитет, стручност и добро организиран пласман. Запуштената нива не станува профитабилна само со промена на културата. Но, со правилен избор, однапред познат пазар и организирано производство, таа може да стане почеток на еден поинаков земјоделски бизнис. Р.М.































