Општина Прилеп во соработка со Институтот за старословенска култура – Прилеп, вечерва организира трибина- тркалезна маса, посветена на развојот на македонската ослободителна мисла, од основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, преку револуционерните борби и историските пресвртници, до конституирањето на македонската држава и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Преку стручни излагања и модерирана дискусија, истакнати македонски историчари ги отворија прашањата за развојот на македонската национална свест, програмските определби на револуционерното движење и историските процеси што го одбележале македонскиот пат кон слободата и државноста, со посебен осврт на улогата на Прилеп и Прилепско.

На трибината учествуваа Лилјана Гушевска, научен советник и редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје, Наташа Котлар-Трајкова, редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје, Славчо Ковилоски, историчар и автор на повеќе дела посветени на македонската историја и историјата на Прилеп и Прилепско, Ленина Жила, историчарка со научен интерес за меѓународните односи во XX век и македонското прашање во меѓувоениот период.
Градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски поздравувајќи ги присутните го истакна значењето на трибината со потсетување дека таа е можност за аргументиран разговор за историските процеси, идеите и личностите што го обликувале македонското национално движење и стремежот за сопствена држава.
Настанот се реализира во рамките на програмата „Приказна за градот херој“, која започна на 1 октомври и ќе трае до 3 ноември. Ка.М.
































