Во литературата, на филмското платно и во стручните анализи на еснафот што се занимава со НФ-проблематиката, на научната фантазија како мистерија за сегашноста и можна визија за иднината ѝ се дава големо внимание. Соништата и копнежот да се допре до и во мистериозната темна длабочина на бесконечноста на Уранос – небо, се вистински предизвик за немирниот човечки дух. Копнежот да се стаса и досегне што е можно подалеку во светот на галаксиите ги иницира луѓето од научната фела оние што управуваат со големите корпорации и мултинационални ѕверови императивно да ги претворат соништата во јаве пред сѐ поради изразениот економски интерес. Откривањето нови галактички пространства е златен мајдан за севкупен развој. Впрочем, човекот е роден колонизатор.
Во моментов како цивилизација го живееме дваесет и првиот век или новиот милениум со хипотека со која не можеме да се пофалиме, но која нѐ следи низ вековите. Од дамнина како да се протежира мрачната сенка на Арес, синот на врховниот бог Зевс и на кралицата Хера. Или можеби Марс како римска варијанта на суров, насилен и крволочен бог на војната. Со сета нивна лукава стратегија, тие како да ги залудуваат своите хуманоидни галеничиња всадувајќи им се во мисловниот апарат. Притоа лукаво го иницираат неговиот мрачен дел, кој потоа разорно дејствува врз сите учесници во огнени трагедии. Навистина е чудно кога и денес, во време кога човештвото забележува извонредни резултати речиси во сите области од животот, да му се случуваат дејства што се надвор од разумот и логиката и кои предизвикуваат голем број, пред сѐ, човечки трагедии. Сега имаме состојба кога светот не е во глобален судир, но исто така и латентна состојба на конфликт од глобални размери. Од ден на ден се зголемува обемот на воени дејства, се случува економија со распаднат систем од правила со високо разиграна инфлаторна спирала, која исцрпува со малигни последици. Меѓучовечките односи никогаш не биле полоши, а омразата е постојано присутна како константа. Во помнењето на страдалниците се всадуваат омраза и копнеж за одмазда. Една здрава логика наметнува експлицитен заклучок за тоа дека човекот и долго помни, но и лесно ги заборава трагедиите. Затоа често се фаќа во Сабат – танцот на вештерките и волшебниците. Станува збор за ритуален кружен танц на злото според европските традиционални суеверија од мрачниот среден век или векот на феудализмот. Волшебниците и вештерките за време на ноќните бдеења – Сабати, го изведувале овој морбиден танц околу претставник на Ѓаволот со лик и тело на јарец. Притоа се хранеле со зло, поттикнувајќи ги својата настраност и суета со кои им нанесувале болка на невините. Познато е дека злото никогаш не спие туку е мобилно и само демне барајќи нови и нови жртви. Зарем е можно сето тоа да се пресликува и во ова наше денешно време? Зарем човекот со сиот свој емотивен и интелектуален габарит не е способен да се спротивстави на налудничавите идеи на оние што и не се во состојба да ги избројат парите во сопствените трезори? За жал, се чини дека останува со наведната глава на градите очекувајќи го острото сечило на пресудата врз својот врат. Неговиот стаклест поглед останува вкочанет кон тлото без можност и сила да го крене високо кон бескрајниот небесен простор во кој, таму некаде, можеби се крие и нашата заедничка иднина и просперитет што ќе направи да заборавиме на сите трагедии на земјата. Научно-техничките достигнувања, како и големата надеж во вештачката интелигенција, потребно е да се насочат кон нови галактички пространства што ќе понудат разум и спокој. Но што ако и таму нѐ очекува неизвесност, која е пострашна дури и од оваа наша реалност? Таа опција ќе мора да ја имаме во умот доколку успееме како цивилизација да дејствуваме единствено и енергично.
Who goes there – дали ви е познат овој израз? Точно, тоа значи дека некој доаѓа. Некој навистина чудовишен и непознат. Во август 1938 година во списанието „Зачудувачка научна фантастика“ (Astounding Science – Fiction) е објавена прозата на американскиот писател Џон. В. Кемпбел, кој бил и главен уредник. Дејството е сместено во истражувачка станица или центар на Антарктик (каде што и денес се забележани чудни активности во претпоставен огромен океан во утробата на континентот). Заробено во мразот кибернира суштество од вселената, кое е способно перманентно да го менува својот лик и да презема идентитет од жртвата која и да е. Секако дека сите филмофили ќе се сетат на асоцијативниот показател во римејкот од 1982 година на режисерот Џон Карпинтер „Суштеството“. Значи тоа суштество е способно да презема идентитети. И тоа е навистина опасно бидејќи секој член од екипата што се бори да го совлада, стравува за сопствениот идентитет. Луѓето во секој од присутните гледаат суштество. Аналогно на ова, дали постои можност ВИ целосно да го преземе нашиот идентитет? Овде се наметнува претпоставката дека тоа е дело на човечкиот мозокот. Тој ја користи таа можност претежно за сопствени цели односно да го намали квантумот на природна интелигенција кај мнозинството. Веројатно дека тука би одело малку потешко. Природната интелигенција е дарба со неограничени можности, кои, дури и кога станува збор за измисленото суштество на Кемпбел, вештачката интелигенција нема да може да ги преземе докрај бидејќи во него се внесени и негувани чувства тешко достапни за една роботизирана природа. Таа внатрешна состојба на една личност како резултат на телесни и општествени сетилни чувства, сигурно ќе даде отпор кон суштеството односно ВИ што се обидува да се приспособи и да го преземе во целост неговиот идентитет. Значи природниот интелект воопшто не треба да стравува за сопствената моќ. Тој дури и треба да се радува и по дифолт да соработува во процесот на потхранување на вештачката интелигенција. Таа соработка ќе значи просперитет и заемна корист. Уште нешто што е од полза кон оваа теза. Филмот „A.I. Artificial Intelligence“ на Стивен Спилберг е всушност длабока емотивно научнофантастична драма за која целосна подготовка направил Стенли Кубрик. Но тој не успеал да ја реализира бидејќи во меѓувреме починал. И еве чудо! За разлика од Кубрик и неговиот студен филозофски и дистанциран пристап, Спилберг ја вметнува ВИ во просторот на хуманизмот и емоцијата. Малото момче Хејли Осмент совршено ја игра улогата на роботизирано суштество, кое притоа, освен наменетата „роботска природа“, беспрекорно ги демонстрира и детската кревкост и ранливост. Дилемата дали да се биде човечко суштество или само робот што ќе се обиде да апсорбира туѓ идентитет е само илузија. Опасноста доаѓа од страна на природната интелигенција, која лесно може да застрани со своите порочни планови. Досегашните искуства покажале дека секоја иновативна програма човекот ја инвестира најпрвин во зло (нуклеарната, биолошките закани, манипулациите со свеста – воени арсенали). Сите оние што се дел од големиот проект треба да бидат свесни дека се движат по острилото на жилетот бидејќи со секој обид да се креира репликант на човекот, ќе биде осуден како во случајот со Франкенштајн.
Авторот е писател
Љубомир Јованоски
































