Три деца и наставник се убиени во вооружен напад во основно училиште во градот Бенд, во американската сојузна држава Орегон. Шеснаесетгодишниот напаѓач бил застрелан од вооружен граѓанин што го видел како пука и го следел во училишната зграда, соопшти полицијата.
Убиените деца биле на возраст од пет, осум и 11 години. Во нападот тешко се повредени и седумгодишен ученик и 54-годишен наставник, кои во критична состојба биле пренесени во болница.
Началникот на полицијата во Бенд, Мајк Кранц, изјави дека напаѓачот бил пронајден мртов во зградата само неколку минути по првата пријава за пукањето.
– Ова е нешто што никогаш не сакаме да се случи никаде, а особено не во нашата заедница во Бенд – рече Кранц на прес-конференција.
Според полицијата, момчето, кое живеело во Бенд, пукало во заклучените врати за да влезе во основното училиште „Силвер Рејл“. Портпаролката на полицијата Шејла Милер изјави дека вооружен граѓанин, кој го забележал нападот, го следел напаѓачот во зградата и го застрелал. Кога полицајците пристигнале, тој веќе лежел на подот во училиштето, пренесе Ројтерс.
Првиот повик до бројот 911 бил примен непосредно пред 13 часот по локално време. Лице што се наоѓало во автомобил пред училиштето пријавило дека некој пука кон него со долгоцевно оружје. Само една минута подоцна почнале да пристигнуваат повеќе повици дека вооружено лице влегло во училиштето и отворило оган.
Полицијата пристигнала за неколку минути, по што почнала евакуација на училниците и проверка на целата зграда.
Според претставник на органите за спроведување на законот запознаен со истрагата, напаѓачот користел репетирачка пушка со пумпен механизам, која ја купила неговата мајка. Информацијата ја пренесоа Асошиејтед прес и повеќе американски медиуми.
Мотивот за нападот засега не е соопштен, а полицијата не го објави идентитетот на шеснаесетгодишникот.
Во основното училиште „Силвер Рејл“ учат деца од подготвителна група до петто одделение. Според податоците на Департментот за образование на Орегон, минатата учебна година училиштето имало 459 ученици.
































