КАЈАК НА ДИВИ ВОДИ НА МАТКА

Македонскиот кајакар на диви води Ангел Петрушев го освои првото место на одржаниот натпревар Светска ранг-листа на ИЦФ, на патеката „Матка“ крај Скопје. На него натпреварувачите се бореа за вредни бодови што влијаат на нивниот пласман на светската ранг-листа во кајак на диви води.
Петрушев се искачи на највисокото скалило на победничкиот пиедестал, освојувајќи го златниот медал, со што уште еднаш го докажа својот квалитет на меѓународната сцена. На натпреварот учествуваа вкупно 46 кајакари од шест држави, што ја прави оваа победа уште позначајна.
– Постигнатиот резултат е уште една потврда за вложениот труд, посветеноста и истрајноста, но и за карактерот на еден спортист што постојано се стреми кон нови успеси и повисоки цели – велат од Македонскиот олимписки комитет (МОК). Г.И.