Фото: ЕПА

РАКОМЕТ

  • Станува збор за играч што има шут од надвор, игра во два правца, има победнички карактер, а во последните години покажал дека секогаш прави сѐ за неговиот тим да победи, изјави селекторот Лазаров, пренесе РФМ

Украинскиот ракометар, левиот бек Дмитро Хориха (29) од вчера и официјално е дел од македонската репрезентација. Хориха, кој ѝ е добро познат на македонската ракометна јавност, пред да замине во унгарски Сегед, беше член на скопски Вардар и се одликува со силен и прецизен удар, доби дозвола од Светската ракометна федерација (ИХФ) да настапува во дресот на македонската репрезентација. Хориха веќе му е ставен на располагање на стручниот штаб на машката сениорска репрезентација на Македонија, предводен од селекторот Кирил Лазаров.
Ова беше речено на вчерашната прес-конференција во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), на која присуствуваа претседателот на РФМ, Александар Стефанов, селекторот на машката сениорска репрезентација Лазаров и генералниот секретар на РФМ, Влатко Тасевски. На прес-конференцијата, покрај тоа што се говореше за најновото репрезентативно засилување, стана збор и за престојните квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, кое треба да се игра во Португалија, Шпанија и во Швајцарија.

– Мислам дека добиваме еден ракометар што ќе даде тежина и голем придонес за Македонија. Тој е во зенитот на својата кариера и се надеваме дека со него ќе добиеме на квалитет и дека ќе придонесе за подобри резултати во иднина – рече Стефанов.
Во однос на претстојните квалификации, со големи амбиции се очекуваат дуелите со Луксембург и Грција, со јасна цел, пласман на ЕП 2028, пренесе РФМ.
– Станува збор за играч што има шут од надвор, игра во два правца, има победнички карактер, а во последните години покажал дека секогаш прави сѐ за неговиот тим да победи – изјави Лазаров, пренесе Ракометната федерација на Македонија.
Лазаров го искористи вчерашниот прес да најави дека и списокот на повикани ракометари во репрезентацијата ќе биде објавен во почетокот на следната седмица, нагласувајќи дека конкуренцијата за секое место е голема и дека максимално сериозно ќе се пристапи кон претстојните квалификациски натпревари.
Македонија во ноемврискиот циклус ја очекува домашен меч со Луксембург (4 ноември), како и гостување во Грција (8 ноември). Во квалификациската група на Македонија е уште и силната Шведска. На ЕП 2028 ќе се пласираат двете најдобри селекции од секоја група, како и четири најдобри меѓу осумте третопласирани. Г.И.