Архивите на германските медиуми откриваат континуитет на АфД за реструктурирање на ЕУ
Во јуни 2023 година, германскиот медиум „Велт“ објави дека „раководството на АфД подготвувало програма за европските избори со барања за уредно распуштање на ЕУ и за формирање нова европска економска и интересна заедница“. Предлогот вклучувал и укинување на Европскиот парламент.
Официјалната европска програмска страница на АфД и денес ја претставува идејата за „Европа на татковините“ – соработка меѓу суверени држави, со што е можно помалку централизирани овластувања. Затоа, најновиот интерен документ не ја измислува идејата за радикална промена на ЕУ. Тој предлага поинаков пат до неа. Имено, прво да се обиде да ја преуреди Унијата, а потоа, доколку тоа не успее, да се отвори прашањето за германското членство.
Натаму, во врска со истото тоа, „Ројтерс“ пренесува дека еден од истакнатите претставници на АфД, Петер Берингер, смета дека „документот е во согласност со постојната политика на партијата и дека претставува план за нејзина практична реализација, а не отстапување од неа“.
Дали изборниот успех на АфД во Саксонија-Анхалт може да влијае врз
европската политика од страна на германската влада
Германскиот „Тагшау“ во анализата од 7 септември 2026 година разгледуваше дали изборниот успех на АфД во Саксонија-Анхалт може да влијае врз европската политика на германската влада. Заклучокот на анализата беше дека регионалниот изборен резултат нема непосредно да го промени курсот на Берлин во ЕУ, но дека индиректни последици се можни ако владата го преиспита сопствениот курс под влијание на домашната политичка конкуренција. Ова е поширокиот политички контекст во кој треба да се чита стратешкиот документ. АфД може да влијае врз европската политика преку парламентарни иницијативи, јавна дебата, притисок врз другите партии и преку евентуално менување на ставовите на германската влада. Но, истовремено, германската политика кон Европа не се одвива во вакуум. Предлогот за буџетот за периодот 2028–2034 веќе предизвикува спор меѓу државите што сакаат да го ограничат својот финансиски придонес и оние што сметаат дека Унијата мора да располага со доволно средства за новите безбедносни и економски предизвици. Во таква ситуација, европското прашање станува и прашање за германската внатрешна политика, односно колку е подготвена германската влада да плати за заедничките европски приоритети и колку е подготвена да отстапи од сопствените цели за да постигне договор со другите членки?
Кој е вистинскиот тест за АфД?
Најважниот тест за партијата не е дали може да формулира барања за радикален ремонт на ЕУ. Очигледно е дека АфД веќе го прави тоа. Тестот е дали може да понуди институционално и економски кохерентен модел за функционирање на Европа по таквиот ремонт. Постојат разлики меѓу барањето за враќање на националните овластувања, намалување на буџетот, напуштање на заедничката валута и напуштање на самата унија. Тие барања можат да се поврзат во една политичка програма, но не се заменливи. Исто така, не е исто да се критикува одредена политика на Европската комисија и да се бара промена на основните договори на ЕУ. Првото може да се постигне со промена на политичките мнозинства или со конкретни законодавни преговори. Второто бара многу посложен институционален процес. Според процедурите на ЕУ, измените на основните договори не се одлука што може да ја донесе една национална партија или една институција самостојно. Тие подразбираат процес меѓу државите членки и национална ратификација според нивните уставни процедури. Во случајот со буџетот, правилата за едногласност дополнително ја нагласуваат улогата на националните влади. Оттука, реалната политичка способност на АфД да го спроведе својот проект ќе зависи од неколку фактори, и тоа се следните: прво, дали предлогот ќе стане официјална партиска политика (што сѐ уште не е), второ, каква позиција ќе заземе германската федерална влада (сега, и подоцна, кога хипотетички гледано, АфД ќе ја освои таа власт), трето, дали ќе се формираат сојузи со други европски влади и, секако, на крајот, каков одговор ќе дадат институциите на ЕУ… Значи сѐ уште е долг патот за изодување, по политичкиот процес е започнат.
Што би значел предлогот на АфД за „сојуз на суверени држави на Европа“ во практика?
Официјалната програма на АфД бара враќање на овластувањата кон државите и нова европска економска заедница, но деталната правна форма на евентуалниот нов модел би зависела од договорите што би биле преговарани. Практично, се поставуваат најмалку пет прашања:
А. Единствениот пазар: Кои заеднички правила би останале задолжителни за сите членки, а кои би станале предмет на национален избор?
Б. Еврото: Како би функционирала монетарната унија ако државите добијат пошироки исклучоци од заедничките фискални правила?
В. Буџетот: Како би се финансирале европските програми ако се намалат заедничките приходи и обврски?
Г. Безбедноста: Дали европските држави би ги координирале одбранбените приоритети или би се потпирале главно врз националните одлуки?
Д. Спроведувањето на правилата: Кој би решавал кога националната влада одбива да примени договорена европска обврска?
Овие прашања покажуваат дека „повеќе суверенитет“ не е само слоган. Тоа бара конкретна прераспределба на правата, обврските и ризиците. Поголемата национална автономија може да значи поголема слобода за владите во одредени политики. Но ако истовремено се намали обврзувачката сила на заедничките правила, би можеле да се отворат нови спорови за трговијата, финансирањето, спроведувањето на договорите и еднаквите услови за конкуренција. Ова се можни последици што треба да се анализираат, а не исходи што веќе се утврдени.
Кризата е и во парите и во идејата за Европа!
Европската Унија се наоѓа во период кога истовремено треба да ги финансира безбедноста, економската конкурентност, регионалниот развој и земјоделството, а притоа да постигне договор меѓу држави со различни финансиски можности и политички приоритети. Преговорите за буџетот за периодот 2028–2034 покажуваат дека овие разлики веќе се конкретен политички проблем. Во тој контекст, АфД нуди поинаков одговор, односно нуди помалку централизација, повеќе национална автономија и, ако промените не успеат, можност за референдум за германското членство. Ова не е исто што и веќе започнат распад на Унијата. Но не е ни обична расправа за административни реформи. Предлогот ја отвора основната дилема за тоа каде треба да се наоѓа политичката моќ во Европа – во заедничките институции или првенствено во националните држави. Затоа, можеби најважното прашање не е дали АфД ќе успее да го запре европскиот буџет или да ги блокира сите процеси. Прашањето е дали нејзината концепција за Европа ќе остане позиција на една политичка партија или ќе влијае врз пошироката германска дебата за тоа што е подготвена да финансира Германија, што е подготвена да споделува и кои заеднички обврски сака да ги задржи. Европскиот проект не се соочува само со спор околу големината на буџетот. Се соочува со спор околу природата на заедницата што треба да ги троши тие пари. Ако тој спор доаѓа од Германија, земја со централно економско и политичко значење за Унијата, тој заслужува да се следи не само како партиска вест туку и како прашање за идниот облик на Европа.
Доне Прентоски
































