Центарот на Голден стејт вориорс, Демаркус Казинс, веројатно ќе дебитира за актуелниот шампион во кошаркарската НБА-лига на 18 јануари, на средбата со Лос Анџелес клиперс, според тренерот Стив Кер. Казинс не играше речиси 12 месеци откако ја повреди ахиловата тетива пред олстарот во 2018 година, кога уште беше играч на Њу Орлеанс пеликанс.

Дваесет и осумгодишниот Казинс, кој потпиша за Голден стејт изминатото лето, пред околу две недели почна со целосни тренинзи со своите нови соиграчи. Кер и неговиот тим сепак не брзаат да го вклучат 211 сантиметри високиот кошаркар во игра, стравувајќи од можна нова повреда, која би можела да ја доведе во прашање неговата кариера.

Без Казинс, шампионите од Голден стејт го заземаат второ место во Западната конференција со 27 победи од 41 натпревар.