Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека првите економски показатели од работата на Владата во изминатите 27 до 28 месеци веќе се видливи, посочувајќи на растот на бруто-домашниот производ (БДП), нивото на инфлацијата и задржувањето на кредитниот рејтинг на државата, пренесе МИА.
Во обраќањето на официјалниот почеток на изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, Мицкоски рече дека економските резултати се постигнуваат во услови на, како што наведе, тешка енергетска криза и неповолна состојба во која Владата ја затекнала државата.
Премиерот посочи дека растот на БДП во вториот квартал од 2026 година изнесувал 4,3 отсто, што, според него, ја позиционира Македонија меѓу првите пет држави во Европа според овој показател.
Тој се осврна и на инфлацијата, наведувајќи дека просечната стапка во третиот квартал изнесувала 2,5 проценти, додека во соседните земји, според неговата изјава, таа била пет проценти или повеќе. Мицкоски оцени дека инфлацијата во Македонија е за 25 проценти пониска од просекот во Европската Унија.
-Во вториот квартал од оваа година, во 2026 година, растот на БДП е 4,3 проценти и е во првите пет во Европа и убедливо меѓу најголемите во регионот, ако не и најголем – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека е направена корекција на податокот за растот на БДП во 2024 година, од три на 3,8 проценти, што, според него, придонело за намалување на показателот за јавниот долг од 61 на 57,4 проценти.
Мицкоски посочи и дека државата го задржала кредитниот рејтинг кај меѓународните рејтинг-агенции, со тенденција за стабилизирање и можност за подобрување, како што оцени тој.
Премиерот се осврна и на функционирањето на институциите, наведувајќи дека повеќе не претставуваат предизвик навременото обезбедување учебници за учениците за почетокот на учебната година, издавањето лични документи во Министерството за внатрешни работи и справувањето со пожарите. Во тој контекст, направи споредба со состојбите во други европски земји.































