Поранешна висока комесарка на ОН за човекови права и судија во Меѓународниот суд за правдата, Нави Пилај ја доби Нобеловата награда за мир за 2026 година, соопшти Нобелов комитет во Осло.
Претседателот на норвешкиот Нобелов комитет, Јерген Ватне Фриднес изјави дека Пилај е наградена за нејзините напори за промовирање на мирот и меѓународното право.
Во време кога бројот на војни и конфликти се зголемува, а судиите и институциите на меѓународното право се под политички напад, Нобеловиот комитет сака да потсети дека можноста за решавање на конфликти без употреба на сила или насилство зависи од почитувањето на меѓународното право. Предуслов за мирен свет е меѓународен правен систем во кој воените злосторници се сметаат за одговорни, а жртвите на злоупотреби добиваат правда, се наведува во соопштението на Нобеловиот комитетот.
Наванетем Нави Пилај родена e на 23 септември 1941 година во Дурбан, Јужна Африка во индиско семејство со тамилско потекло. Таа дипломирала право на Универзитетот во Натал, а докторирала на Правниот факултет Харвард.
Нобеловата награда за мир често се смета за најпрестижна награда во светот. Норвешкиот Нобелов комитет во Осло доби номинации за 287 кандидати за овогодишната награда, од кои нешто повеќе од една четвртина беа организации.
Наградниот фонд оваа година изнесува 12 милиони шведски круни, или околу 1,2 милиони долари, без оглед на тоа дали добитникот е поединец, помала група лауреати или организација.
Оваа година се одбележува 125-годишнината од Нобеловата награда за мир, која е доделена на вкупно 112 поединци и 28 различни институции од нејзиното основање во 1901 година.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст ја освои наградата три пати, а Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци двапати.
Наградата не е доделена во 19 наврати, главно за време на светските војни. Во 1948 година, кога беше убиен Махатма Ганди, наградата не беше доделена. Ганди беше номиниран 12 пати, но никогаш не ја доби.
Во 1939 година, шведски пратеник го номинираше Адолф Хитлер, но подоцна ја повлече номинацијата, со образложение дека не мислел сериозно
































