Поранешниот шеф на Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт, во текот на неколку месеци во средината на 2016 година му давал податоци од предизборни анкети на соработник што бил поврзан со руските разузнавачки служби, се наведува во судските документи. Новинари успеале да ги прочитаат податоците од судскиот документ што адвокатите на Манафорт не ги „затемниле“ соодветно.
Обвинителите во истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мјулер наведуваат дека Манафорт лажел за тоа, додека тој ги отфрла обвинувањата во врска со неговиот деловен партнер Константин Килимник, државјанин на Украина, кого обвинителите го обвинуваат дека имал врски со руските разузнавачки служби. Манафорт изјавил оти едноставно ги заборавил деталите, наведувајќи ја како оправдување хаотичната атмосфера во кампањата.
Во судскиот документ првпат детално се опишува поради што точно е обвинет Манафорт дека лажел. Обвинителите, кои веќе две години ги испитуваат врските на Изборниот штаб на Трамп со Русија и дека тој во својство претседател се обидел незаконски да ја опструира истрагата, тврдеа дека Манафорт лажел по пет прашања, вклучувајќи и за неговата врска со Килимник. Украинскиот државјанин Килимник, кого Мјулер го обвини за опструкција на правдата, бидејќи влијаел на сведоците во случајот „Манафорт“, негира дека е поврзан со руските разузнавачки служби.