„Меделин на Меделин“

Голем број весници, филмски онлајн-сајтови и магазини објавуваат листи на филмови што ја обележале 2018 година. Па, така, и „Гардијан“ претстави листа, но со филмови што малку се разликуваат од другите. Нивниот тим од филмски критичари создаде листа на филмови што биле помалку гледани во однос на тоа колку заслужуваат.

„Ансејн“
– Навистина е обесхрабрувачки да се види колку малку лани се зборуваше за психолошкиот трилер на Стивен Содерберг, особено кога ќе се забележи како Холивуд целосно избегна да ја издигне Клер Фој како филмска ѕвезда, кога сѐ повеќе се зборува за хорор-жанрот и особено кога ќе се земе предвид вечната тема за мажот како предатор против женската самозаштита. Но и покрај тоа што филмот „Ансејн“ се наоѓа точно во центарот на кинематограферските трендови, името на Содерберг остана неспоменато. Додадете го тоа на неговиот храбар избор да го сними овој филм со „ајфон 7“, потег што многумина го сметаат за естетски убиец. Јас не сум еден од нив, малата димензија и плиткоста на сликата визуелно асоцираат на клаустрофобија преку една ужасна верност, која го заробува гледачот, заедно со Фој во менталната институција од нејзините кошмари. Ситуацијата полека се трансформира во пресуден момент за неа, соочувајќи ја со трауми од минатото што мора да ги победи. Климатската конфронтација на хероината со човекот што ја тероризира е злобна, одвратна и катарзична – како родовите односи во 2018 година. – посочи Чарлс Брамеско.

„Сиело“
Канадската режисерка Алисон МекАлпин сними документарен филм за небото, поточно за небото онака како што се гледа од пустината Атакама во Чиле. Таа ги интервјуираше луѓето што живеат под него: фармери на алги, каубои, рудари, ловци на НЛО, раскажувачи на митолошки приказни и оператори на огромни телескопи. Европските ловци на планети и стариот човек што ги повторува бајките за „забава на небото“ доаѓаат од два комплетно различни света, но делат заеднички жар за набљудување и препознавање на убавината.
– „Сиело“ е повеќе игран филм отколку што е документарен. Неговите интереси повеќе лежат во чувствата на научниците отколку во податоците. Се чувствува голема возбуда и душа низ целиот проект. Ова е единствениот филм што сум го гледал трипати лани (довлечкав шестмина пријатели на една јавна проекција) и најверојатно ќе остане со мене уште долго, откако сѐ други ќе ја изгуби својата искра – вели Џордан Хофман.

„Виновен“
Ова е американски римејк на данскиот трилер „Виновен“, во кој глуми Џејк Гиленхал, но веројатно е тешко дека ќе го замени оригиналот на Густав Молер, кој ја освои наградата за светска публика на фестивалот „Санденс“ годинава. Овој 85 минути долг, затегнат, апсорбирачки трилер, сместен целосно во ентериерот на една полициска телефонска станица во Копенхаген, толку ефективно и економично ја калибрира тензијата што изгледа како чудо.
– Во центарот се наоѓа Асгер Холм (кого го игра брилијантно контролираниот Џејкоб Кедергрен), кој постепено сфаќа дека е вратен од терен назад во кабина со хед-сет во центар за повици 911. Молер останува со него додека трае филмот, додека тој се обидува да спаси киднапирана жена преку телефон, неговата одлука да остане внатре создава ефективно иритирачко чувство на клаустрофобија, која се засилува додека ја слушаме, но не ја гледаме жената на другата страна. Ништо не е онака како што изгледа и шокирачки информации го менуваат следниот период од еден час и некоја минута – вели Џејк Невинс.

„Меделин на Меделин“
– Овој филм на Жозефин Декер е веројатно најживописниот и најинтимниот филм што го гледав лани и се надевам ќе го погледне поширока публика. „Меделин на Меделин“ е приказна за млада девојка (Хелена Хауард), нејзината мајка (Миранда Џули) и нејзината наставничка по драма (Моли Паркер). Улогата на постарата жена станува премногу збунувачка како што таа се впушта во еден полуимпровизиран театарски проект. Перформансот на Хауард како болна тинејџерка со талент за глумење го зграпчува вниманието, не само во сцените за време на пробите кога таа толкува животински персони и ги ослободува темните фантазии за тоа како ја убива својата мајка. Ова е прекрасен и провокативен филм за преминување на границите, во кој волшебната динамика на групата на часот по драма е само заднина на спектаклот на Меделин, која се оттурнува од мајчинската грижа, додека, пак, станува опасно привлечена од сомнителните визии на нејзината наставничка.
Триото од главни улоги и камерата на Декер го прават овој филм неверојатно стимулирачки и тоа доаѓа со предупредување уште од самиот почеток. Таму има една медицинска сестра што ја потсетува Меделин, наедно и публиката: „Емоциите што ги чувствуваш не се твои. Тие се на некој друг“ – пишува Памела Хачинсон.

„Нека потемнат труповите“
Со нивниот модерен пристап кон италијанскиот гиало-жанр, „Амер“ (2009) и „Чудната боја на солзите на твоето тело“ (2013), Хелене Кате и Бруно Форзани, белгиското дуо сценарист – режисер, се етаблира како двајца од највозбудливите формалисти што работат во филмската индустрија денес. А сега преминаа и на шпагети-вестерн и акциски филмови.
– Ова е речиси долгометражен филм во кој се следи пресметка помеѓу полицијата, ограбувачи и невини случајни минувачи (за кои се потврдува дека воопшто не се невини), која се одвива над Медитеранот. „Нека потемнат труповите“ не се занимава со никаква кохерентна приказна, туку единствено нуди можност за уживање во разни фетиши: крв, куршуми, секс, злато, кожа, пот и уметност. Неговата хипнотизирачка моќ можеби е целосно минлива, но филмот бара да биде погледнат повеќепати, па така надоместува за тоа. Во годината што им понуди на гледачите голем број храбри психотропски филмови, овој заслужува да биде споделен – вели Зак Васкез.

„Калибар“
Овој девијантно калибриран филм во хичкоковски стил би можел да освои голема награда на „Единбургшкиот филмски фестивал“, но наместо тоа, тој ја имаше својата премиера недела подоцна на „Нетфликс“, презаситена платформа, која за брзо време се претвори во „депонија“.
– И покрај тоа што доби колекција од силни и позитивни критики, „Калибар“ исчезна прекуноќ. Но ве чека на вашиот телефон, лаптоп или телевизор, лесно ќе го најдете, но тешко ќе го издржите. Ова е филм што е најдобро да се погледне доколку знаете барем малку за што станува збор, па би открил дека се фокусира на двајца пријатели (совршен перформанс на Џек Лоуден и Мартин Меккан), кои одат на викенд во Скотиш Хајлендс. Мет Палмер, кој првпат се појавува во улога на режисер, поставува големи очекувања и парадира со голем број можни жанровски сценарија пред да се фокусира на едно од нив. И од тој момент натаму, ја турка приказната низ неверојатни настани додека публиката ги гризе ноктите и не може да најде удобно место во столчето пред ужасните ситуации – открива Бенџамин Ли.

„Секој ден“
„Секој ден“ на Дејвид Левитан е претворен во филм, кој можеби ќе прерасне во култна класика. Има чуден и натприроден концепт, како нешто од Спак Јонзе или Михел Гондри. Но презентиран е без никаква иронија или комична палијатива. Само треба да ја фатите идејата и таа ќе ве води.
– Ангоури Рајс ја толкува улогата на тинејџерката Рианон чие момче е „самобендисан и не многу интелигентен фраер“. Но еден чудесен ден, тој се претвора во комплетно различна личност: чувствителен, емотивно зрел, некој што целосно ја разбира. Но веќе следното утро, тој се враќа назад на своето старо „јас“. Оттогаш натаму, секој ден, таа среќава различен странец што ја разбира на исто интимно ниво. Кога тој човек ќе исчезне, го заменува друг. Ова е еден одлично одглумен филм – вели Питер Бредшо.

„Излезот“
– Интернационалната станица „Ебсфлит“ е локација што не е многу овековечена на филм, дел затоа што е релативно нова, дел затоа што постојат погламурозни локации за снимање и дел, можеби, затоа што не се наоѓа на мапата на многу филмски индустрии. Но совршена е во „Излезот“, драма што уште од почетокот на годината е некако одбегнувана од страна на критичарите, претпоставувам повеќе заради нејзиниот парохијализам и трезвеност, отколку заради женската нарација.
Гема Артертон (никогаш подобра, го велам тоа малку скептично) игра улога на жена што живее некаде во Дартфорд/Гринхит/Сванскомб. Таа некако има сѐ: нова убава куќа, две деца, пријатен и забавен сопруг (Доминик Купер), лесен пристап до Блуватер. Но таа плаче за слобода. Сопругот не е на иста вибрација со неа, децата знаат да бидат тешки за чување, комплетно е задушена од нејзиното опкружување, плус, константното бришење. Па така, без да им каже, таа купува еднонасочен билет, кон Париз. Но ова е сепак еден комплициран втор обид на Доминик Саваж, на чии храбри мисли и импулси, многу малку луѓе се осмелуваат да помислат, а не пак да ги реализираат – пишува Кетрин Шоард.