Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ги повика членките на Европската Унија да ги исполнат ветувањата за проширување кон земјите од Западен Балкан, предупредувајќи дека поради бавниот напредок се загрозени кредибилитетот и влијанието на Унијата во регионот.
– Се наоѓаме на раскрсница кога станува збор за процесот на проширување на ЕУ – изјави Вадефул пред новинарите по состанокот во Будва, одржан во рамките на Берлинскиот процес, пренесува бриселскиот портал „Политико“.
Вадефул потсети дека ЕУ уште на самитот во Солун во 2003 година порача дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Германија во 2014 година го покрена Берлинскиот процес со цел да ги доближи шесте земји од регионот до Унијата и да ги поттикне регионалната соработка, економското поврзување и помирувањето.
– Не го исполнивме она што го ветивме – рече Вадефул, повикувајќи ги членките на ЕУ да им покажат на земјите од Западен Балкан дека ветувањето од Солун било вистинско и дека Европа е партнер од доверба.
Германскиот министер предупреди и на конкуренцијата од „геополитичките противници и ривали“ кои се обидуваат да го зголемат своето влијание на Балканот.
Тој претходно оцени дека проширувањето кон Западен Балкан претставува тест за Европа и дека од него ќе зависи влијанието што ЕУ ќе го има во следните децении. Според Вадефул, земјите што постигнуваат напредок во реформите мора да напредуваат и во процесот на пристапување.
Австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер оцени дека ЕУ повеќе не може да си дозволи бавни, бирократски и технократски процеси во време кога глобалните околности брзо се менуваат.
– Ако оставиме каков било простор, дури и само еден милиметар, други странски сили веднаш ќе дојдат и ќе го искористат – предупреди таа.
Црна Гора, која е домаќин на годинашните состаноци на Берлинскиот процес, е најнапредната земја-кандидатка во пристапните преговори со ЕУ. Според европската комесарка за проширување Марта Кос, земјата досега привремено затворила 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја, а се очекува уште неколку да бидат затворени во текот на октомври.
Кос оцени дека постои реална можност Црна Гора да ги заврши преговорите до крајот на годинава или на почетокот од следната година. По завршувањето на преговорите ќе следува ратификација на договорот за пристапување од сите членки на ЕУ, процес што би можел да трае уште една до две години.
Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ изјави дека неговата земја спровела бројни реформи и дека граѓаните сега мора да ги почувствуваат конкретните придобивки од приближувањето кон ЕУ.
– Искрено, заслужуваме сега да бидеме примени – рече Ибрахимовиќ.

































