Соединетите Американски Држави го поканија рускиот претседател Владимир Путин да присуствува на самитот на Г20 во Мајами во декември – изјави денеска американскиот државен секретар Марко Рубио.
– Го поканивме претседателот Путин на Г20. Сметаме дека тоа е можност тој да се ангажира не само со претседателот, туку и со другите светски лидери. Се надеваме дека ќе ја прифати поканата – изјави Рубио пред новинарите во Њујорк.
Русија и натаму е членка на Г20, организација што ја сочинуваат 19 држави, Европската Унија и Африканската Унија. Сепак, Путин последен пат лично присуствуваше на самит на Г20 во 2019 година, пред Русија да ја започне целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп уште во април изрази надеж дека Путин ќе присуствува на самитот во Мајами.
– Ако дојде, тоа веројатно ќе биде многу корисно – изјави тогаш Трамп, иако изрази и сомнеж дека рускиот претседател на крајот ќе присуствува.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски во средината на септември изјави дека би бил подготвен да присуствува на самитот и да разговара со Путин доколку биде поканет.
– Мораме да дојдеме. Мораме да се сретнеме, да разговараме и да донесуваме одлуки- изјави Зеленски за германската телевизија „Дојче веле“. Зеленски подоцна во текот на денот треба да се обрати и пред Генералното собрание на ОН.
Американскиот државен секретар Рубио претходно денеска се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Руското Министерство за надворешни работи објави фотографии од средбата на платформата „Икс“, но веднаш не соопшти детали за разговорите.
Рубио и Лавров последен пат се сретнаа во јули, на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на АСЕАН во Манила. Тие разговори траеја само 35 минути и не донесоа напредок во главното прашање на несогласување меѓу Вашингтон и Москва – руската војна против Украина. САД се обидуваат да посредуваат за прекин на војната, која влезе во петтата година, но досега е постигнат мал напредок кон мировен договор.
Односите меѓу САД и Русија остануваат затегнати, и покрај тоа што Трамп често ги нагласува добрите односи со Путин. Двајцата лидери последен пат лично се сретнаа на Алјаска во август 2025 година, а во текот на конфликтот имаа и неколку телефонски разговори.
Поради влошените односи со западните членки на Г20, Русија сè повеќе ги насочува своите дипломатски напори кон групата БРИКС, каде членуваат земји како Бразил, Индија, Кина и Јужна Африка. Сепак, рускиот министер за финансии Антон Силуанов присуствуваше на состанокот на министрите за финансии на Г20 во американската сојузна држава Северна Каролина во август годинава.
МИА































