Фото: МОН

Основното училиште „Панајот Гиновски“ во Општина Бутел е едно од 30-те училишта во земјава што добиваат подобри услови за физичко и здравствено образование и спорт преку проектот за рехабилитација на училишни објекти и набавка на спортска опрема.

Проектот се реализира со кофинансирање од Министерството за образование и наука, Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Развојната банка на Советот на Европа (CEB). Започна во 2024 година, а вкупната вредност до завршувањето на градежните работи се очекува да достигне околу три милиони евра.

Вицегувернерот на Развојната банка на Советот на Европа, Томас Бочек, истакна дека преку проектот досега биле финансирани околу 100 училишта и објекти, со што се подобриле условите за учење и пристапот до спортски сали.

Фото: МОН

 – Развојната банка на Советот на Европа го поддржува образовниот сектор во Македонија речиси две децении, обезбедувајќи повеќе од 60 милиони евра за училишта и содржини за физичко образование во целата земја – рече Бочек.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека образовната инфраструктура е еден од клучните столбови на образованието и оти училиштата треба да бидат безбедни и мотивирачки места за учениците.

Фото: МОН

 – Училиштето треба да биде место во кое учениците со задоволство доаѓаат, место каде што се чувствуваат сигурно, прифатено и мотивирано да учат, да се развиваат и да го достигнат својот целосен потенцијал – порача Јаневска.

Таа посочи дека во изминатите две години Владата реализирала или започнала реализација на уште 90 проекти за подобрување на образовната инфраструктура во повеќе општини.

На настанот се обрати и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, кој нагласи дека инвестициите во образованието се инвестиции во иднината. Според него, подобрата образовна и спортска инфраструктура е важна и за создавање услови младите да останат во земјата и да го развиваат својот потенцијал.

Поддршка за проектот изразија и амбасадорите на Италија, Паоло Палминтери, Франција, Кристоф Ле Риголер, и Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз.

Палминтери посочи дека инвестициите во образованието и инфраструктурата се инвестиции во иднината на Северна Македонија и порача дека Италија ќе продолжи да поддржува вакви проекти.

Ле Риголер ја истакна улогата на спортот во развојот на младите, социјалната кохезија и еднаквите можности, додека Ортиз нагласи дека квалитетното образование е основа за индивидуалниот и општествениот развој.

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, оцени дека инвестицијата во реновираната спортска сала е повеќе од вложување во училишна инфраструктура.

 – Во спортот не е важно од каде доаѓаш, на кој јазик зборуваш или какво е твоето потекло. На теренот важат исти правила, таму учиме за еднаквост, дисциплина и фер-плеј – рече Костовски.

Тој додаде дека образованието и спортот треба да одат заедно и дека вложувањето во спортските капацитети е вложување во развојот на младите.