Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против едно лице за кривично дело „загрозување лица под меѓународна заштита“.
Според ЈОРСМ, обвинетиот на 15 јуни годинава, околу 12.05 часот, пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, предизвикал пожар со кој создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита.
Според обвинението, обвинетиот претходно на бензинска пумпа во близина на амбасадата наполнил пластично шише со бензин, по што се упатил кон објектот. Кога се доближил до паркираните возила што ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во амбасадата, ги полеал со бензин и ги запалил, а потоа го напуштил местото.
Заедно со обвинителниот акт, обвинителот доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор. Од Обвинителството оценуваат дека и натаму постојат причините поради кои притворот бил определен и продолжуван.
Како што наведуваат, постои опасност обвинетиот да стане недостапен за органите на прогонот и со тоа да го попречи кривичниот процес. При предлагањето на мерката биле земени предвид и висината на предвидената казна, како и природата на дејствијата што му се ставаат на товар, насочени кон сигурноста и правата на лица под меѓународноправна заштита, меѓу кои и дипломатски претставници.
За делото за кое е обвинет, согласно Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од најмалку една година.
































