Фото: ЕПА

Четворицата поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – денеска беа осудени во Хаг за воени злосторства извршени врз најмалку 385 лица, пишува „Ројтерс“.

Станува збор за првостепена пресуда во постапката пред Специјализираните совети на Косово, во која четворицата беа обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во периодот од 1998 до 1999 година.

Хашим Тачи е осуден на единствена казна од 25 години затвор, во која е засметано и времето поминато во притвор. Тој е прогласен за виновен за незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, суров третман, тортура и убиство, квалификувани како воени злосторства. Тачи е ослободен од обвиненијата за повеќе други воени злосторства, како и за прогон, затворање и други злосторства против човештвото, пренесе „Ројтерс“.

Јакуп Красниќи е осуден на единствена казна од 25 години затвор, додека Кадри Весели е осуден на 18 години, а Реџеп Селими на 13 години затвор.

Во изречените казни е вклучено времето што четворицата обвинети го поминале во притвор.

Тачи, Весели, Селими и Красниќи беа обвинети дека како високи функционери на ОВК носат индивидуална и командна одговорност за низа злосторства извршени во текот на војната во Косово во 1998 и 1999 година, пишува „Гардијан“.

Пресудата е првостепена и страните имаат право на жалба.