Најчитаниот шпански писател доаѓа на „Букстар“
Елој Морено, најчитаниот шпански писател во моментов, ќе гостува пред нашата публика како дел од „Букстар 2026“.
– Секое гостување на „Букстар“ е посебна приказна, но нам ни е исклучително драго што овој пат успеавме да го освоиме Морено на негов терен – онака како што тој сам ја освојуваше својата публика: лице в лице! Иако минатите години повеќепати му се обративме преку агенти и преку официјалните канали, не добивавме позитивен одговор – затоа, како што тој им пристапувал на своите први читатели и им го нудел својот роман, ние одлучивме да му пристапиме на еден странски саем за книги за да го поканиме во Македонија, и – ете, желбата ни се исполни. Морено уште еднаш ни покажа и ни докажа дека истрајноста е можеби најважниот квалитет… Ова претставува негова прва посета на целиот наш регион! – изјавуваат од „Антолог“.
Морено (1976) е писател, автор на книги за деца и возрасни и во моментот е најчитаниот современ шпански автор. По студиите по информатика и работата како информатичар, во 2010 година решава самостојно да го објави својот прв роман „Зеленото пенкало“, кој со текот на времето ќе се продаде во повеќе од 250.000 примероци. Следуваат романите „Она што го најдов под каучот“ (2013), „Подарокот“ (2015) и „Невидлив“ (2018), со кој Морено стекнува огромна домашна и меѓународна публика. „Невидлив“ е преведен на повеќе од 15 јазици и е адаптиран во серија за „Дизни+“. Потоа ги објавува „Земја“ (2020), „Различен“ (2021), „Кога беше забавно“ (2022) и „Мрежи“ (2024), роман сместен во истиот универзум со „Невидлив“ и посветен на влијанието на социјалните мрежи. „Приказни за да го разбереме светот“ е наменета и за возрасни и за деца и се чита во голем број образовни установи. Неговиот најнов проект е збирка илустрирани приказни за најмладите: „Заедно“, „Сакам сè“, „Невидлив“ и „Правилата на глувчето Перез“. Неговите книги се преведени на повеќе од 25 јазици, објавени се во над 30 земји и се продадени во импозантни над три милиони примероци. Во 2025 година, заедно со илустраторот Давид Сиера, го создава „Новото патување на Малиот принц“, продолжение на „Малиот принц“ на Антоан де Сент-Егзипери, создадена со одобрување со наследниците на францускиот автор.
Покрај тоа, шпанскиот автор на 8 февруари 2025 година го собори Гинисовиот светски рекорд за најмногу потпишани книги во 12 часа, со неверојатни 11.088 потпишани книги. Досега на македонски јазик во издание на „Антолог“ му се преведени четири од вкупно десет книги. Поради актуелноста на темата (врсничко насилство) и стилот со кој е напишана неговата книга „Невидлив“ од неодамна по предлог на Бирото за развој на образованието стана дел од изборната литература за прва година во гимназиското образование.
































