Пред нов предизвик: Македонската машка и женска шаховска репрезентација / Фото: ШФМ
  • Пред почетокот на ШО 2026 шахистите се рангирани на 56-то место меѓу 208 селекции, а шахистките на 75-то меѓу 191 репрезентација. Титулите и во двете конкуренции ќе ги брани Индија

Со денешните партии од првото коло, узбекистанскиот град Самарканд до 29 септември ќе биде центар на шаховскиот свет, откако таму ќе се одржи 46. Шаховска олимпијада (ШО), која ќе ги собере водечките нации на најпрестижното екипно натпреварување. Машкиот и женскиот турнир се одржуваат паралелно, обединувајќи стотици шаховски федерации во 11 кола (класично темпо на игра), со еден слободен ден (по 6. коло). Играјќи на четири табли, репрезентациите ќе се борат за олимписките титули, како и за поединечните признанија по табли.
На ШО 2026 ќе настапат и македонската машка и женска репрезентација, предводени од селекторите, ВМ Трајко Недев (мажи) и ФМ Љубиша Андоновски (жени). Мажите пред почетокот на турнирот се рангирани на 56. место (2.416 просечен рејтинг) во конкуренција на 1.032 шахисти (220 ВМ, 160 ИМ, 166 ФМ) од 208 држави (Узбекистан како домаќин ќе настапи со три селекции и во машка и во женска конкуренција). Шахистките се рангирани на 75. место меѓу 1.980 шахистки (18 ВМ, 53 ЖВМ, 53 ИМ, 110 ЖИМ, 13 ФМ, 145 ЖФМ) од 191 држава. Вкупно во двете конкуренции се пријавени 399 селекции. Оваа бројка го надминува претходниот рекорд од 380, поставен во Будимпешта во 2024 година.
– Од оваа Шаховска олимпијада очекувам квалитетни партии и многу борба. Би била задоволна со поени освоени со повисокорангираните екипи и со краен екипен пласман над почетното рангирање за 10 места. Индивидуално се надевам на шах на високо ниво, на квалитет и плус рејтинг-поени, со цел да се приближам кон освојувањето на титулата ЖИМ – вели ЖФМ Моника Стојковска, која ќе игра на челната табла за македонската женска репрезентација.

– Од ШО очекувам пред сѐ добра и борбена игра. Поединечно сакам да го дадам максимумот и да одиграм на нивото на кое знам дека можам. Имаме добра и млада екипа, па ако сите бидеме во форма, тоа би било одлично. Екипно би бил задоволен ако направиме добар резултат и завршиме што е можно повисоко на табелата – ни изјави ИМ Емил Ристески, кој ќе игра на првата табла.
Во однос на ШО 2024, кај мажите го нема ВМ Евгени Романов, ново име е искусниот ИМ Филип Панчевски, додека кај дамите тоа е Катерина Петровска, која доаѓа на местото на Леа Ефтовска. На ШО во Будимпешта машката репрезентација пред почетокот беше рангирана на 62. место, го освои 61. место меѓу 188 држави, со 12 поени (27,5 поени по табли), а женската беше рангирана на 57-то место, а на ШО ја освои 77. позиција меѓу 169 селекции со 11 бода (24,5 по табли). Голем поединечен успех постигна Тони Лазов, кој освои сребрен медал на втората табла, освојувајќи 7,5 поени од осум партии, со што стана и најмладиот носител на олимписки медал во историјата на македонскиот шах.
Титулите во Самарканд и во двете конкуренции ќе ги брани Индија. Г.И.


МАКЕДОНИЈА, МАЖИ

РАНГ ШАХИСТ РЕЈТИНГ
253 ИМ Емил Ристески 2.426
260 ФМ Антон Златков 2.422
295 ИМ Тони Лазов 2.394
259 ИМ Филип Панчевски 2.422
297 ИМ Никола Николовски 2.393
Селектор: ВМ Трајко Недев

МАКЕДОНИЈА, ЖЕНИ
РАНГ ШАХИСТКА РЕЈТИНГ
260 ЖФМ Моника Стојковска 2.080
323 ЖФМ Моника Жежовска 1.990
350 ЖФМ Ивана Манова 1.958
416 Сања Трајковска 1.896
436 Катерина Петровска 1.873

Селектор: ФМ Љубиша Андоновски