ФУДБАЛ
- Лигата на нациите од следното издание ќе има три наместо четири лиги, а квалификациите за европските и за светските првенства ќе се одвиваат во две лиги, со натпреварувачки систем сличен на европските клупски натпреварувања
Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) одобри измени во системот за промоција и испаѓање во Лигата на нациите за сезоната 2026/2027, за да се овозможи непречена транзиција кон новиот концепт што беше одобрен во мај 2026 година, според кој Лигата на нациите ќе се состои од три лиги наместо од четири од изданието во сезоната 2028/2029, објави УЕФА.
Измени има во плејофот на Лигата на нациите, па така, од лигите А и Б ќе се натпреваруваат двете најниско рангирани третопласирани и двете највисоко рангирани четвртопласирани од лигата А, против четирите второпласирани од лигата Б. Во плејофот на лигите Б и Ц ќе играат четирите четвртопласирани од лигата Б против четирите второпласирани од лигата Ц. Репрезентациите се промовираат и испаѓаат помеѓу лигите за следното издание на натпреварувањето, и тоа четирите победници на групите од лигата Б се промовираат во лигата А, двете најниско рангирани четвртопласирани од лигата А испаѓаат во лигата Б, четирите победници од плејофот ќе играат во лигата А, а четирите поразени во лигата Б. Четирите победници на групите од лигата Ц ќе се пласираат во лигата Б, четирите победници на плејофот ќе играат во лигата Б, а четирите поразени во лигата Ц. Бидејќи повеќе нема да ја има лигата Д, сите селекции од лигата Д се промовираат во лигата Ц.
Лигата на нациите за сезоната 2028/2029 ќе ги вклучи репрезентациите врз основа на нивните резултати во сезоната 2026/2027, и тоа, во лигата А ќе играат осумте четвртфиналисти од лигата А, двете најдобри меѓу третопласираните од лигата А, по четири победници на групите во лигата Б и победници од плејофот. Во лигата Б ќе настапат двете најнискорангирани четвртопласирани од лигата А, четири поразени во плејофот на лигите А и Б, како и по четири третопласирани од лигата Б, победници на групите во лигата Ц и победници на плејофот на лигите Б и Ц. Во лигата Ц ќе играат четири поразени во плејофот на лигите Б и Ц, осум пласирани на 3-то и 4-то место во лигата Ц и шест репрезентации од лигата Д, пишува УЕФА.
По темелен преглед на тековните формати на натпреварувања на машки репрезентации и обемни консултации со сите земји членки на УЕФА, валидиран е нов концепт за имплементација по Европското првенство во 2028 година. Во новата структура, Лигата на нациите од сезоната 2028/2029 наместо четири ќе има три лиги со по 18 репрезентации, поделено во три групи, објави УЕФА во мај. Секоја селекција ќе игра по шест меча против пет противници, и тоа дома или на гости против репрезентации од различни барабани, дома и на гости против противник од истиот барабан. Четврт-финалето, фајналфор-турнирот и плејофот ќе бидат без промени, објави тогаш УЕФА.
И европските квалификации ќе имаат повеќестепена структура, Лига 1 со 36-те репрезентации од лигите А и Б во Лигата на нациите, и Лига 2 со преостанатите репрезентации од Лигата на нациите. Во Лига 1 ќе има три групи со по 12 селекции извлечени од три барабани. Секоја репрезентација ќе игра шест натпревари дома или на гости против шест различни селекции, по две по барабан, слично на форматот на европските клупски натпреварувања. Лига 2 ќе се игра како лигата Ц на Лигата на нациите со три групи. Иако се директно пласирани за финалниот турнир, репрезентациите-домаќини ќе учествуваат во квалификациите со цел поврзана со нивната позиција во следното издание на Лигата на нациите. Најдобропласираните од секоја група од Лига 1 ќе се пласираат директно, а преостанатите места ќе бидат распределени преку систем на плејоф, што ќе гарантира фер шанси за пласман и за репрезентациите од Лига 2, објави УЕФА во мај. Н.М.
































