Првиот официјален извештај за американската операција против Иран потврди дека војната предизвикала недостиг во стратешките залихи на напредно оружје и открила сериозни пречки во производството и надоместувањето на потрошената муниција.
Извештајот го објави главниот инспектор на Пентагон, кој го надгледува трошењето и работењето на американските одбранбени институции. Документот се однесува на операцијата „Епски гнев“ и го опфаќа периодот до 30 јуни.
Во извештајот се наведува дека големата потрошувачка на напредно оружје во војната со Иран довела до намалување на стратешките залихи и ги покажала ограничувањата на американската воена индустрија за нивно брзо обновување.
Ова е прва официјална потврда за проблемите со залихите, откако Пентагон и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во изминатите месеци ги отфрлаа медиумските извештаи дека САД се соочуваат со недостиг од одредени видови муниција.
Најголема загриженост предизвикуваат залихите на пресретнувачки ракети за системите „Патриот“ и ТХААД, како и на прецизното оружје со долг дострел, кое било користено во големи количества за време на операциите против Иран.
Според процените на експерти наведени од агенцијата АП, за обновување на залихите на одредени напредни ракети и пресретнувачи до нивото пред војната би можеле да бидат потребни околу три години.
Трамп повеќепати ги негираше информациите за недостиг од муниција, тврдејќи дека САД располагаат со големи количества оружје и дека производството постојано се зголемува. Тој и неделава објави дека новото оружје секојдневно им се доставува на американските сили на Блискиот Исток и во другите региони.
„Вашингтон пост“, повикувајќи се на неименувани извори, претходно објави дека намалените залихи, особено на ракетите со долг дострел и на пресретнувачите за противвоздушна одбрана, биле една од причините Трамп да се воздржи од нови масовни напади врз Иран.
Белата куќа и Пентагон ги негираа овие тврдења. Во официјалниот извештај не се наведува дека недостигот од муниција бил непосредна причина за запирање или ограничување на нападите.































