Според месечевиот календар, летото е сосема на крајот. Септември е месец на промени: од лето во есен, од расцветани ливади до зрели плодови, од топка и очила за сонце до ранче на грбот и книга в раце. Затоа во него инспирација нашле и македонските поети за деца Перо Миленкоски, Михо Атанасовски и Стојан Тарапуза и напишале прекрасни песнички токму за вас. Прочитајте ги, а потоа забавувајте се и учете со активностите што ви ги подготвивме.

Васо и мачето

Летото како голема
шарена топка
низ ливадите се стркала,
се скина
и веќе на сонцето
му ставаат сопка
бели облачиња по небо
што минат.

Па додека ветрот
со метла ги гони,
септември зрели круши
и јаболка слика…
Секој ден сега ѕвончето ѕвони,
децата на училиште ги вика.

И првачето Васо
играчките ги крена,
никого не гледа,
везден некаде ита,
таков е веќе неколку дена,
сенешто пишува,
сенешто чита.

И неговото маче се чуди,
го гледа,
за минатото лето,
како да жали,
пак сака заедно на креветот
да седат,
тоа да преде, а тој да го гали.

Затоа денеска, го моли,
го гребе:
– Oдведи ме и мене на училиште
Васо!
Па, ако затреба, место тебе,
цело време ќе мјаукам на часот!

Михо Атанасовски


Сончев дворец

Летото во игра ни мина,
најубав спомен е веќе,
книгата со нас е мила,
лична ко најнежно цвеќе.

Еве ја есента дојде,
плодови донесе, зрели,
Ѕвончето милно нѐ вика
утро насмевки дели.

Има еден сончев дворец,
што го чува златно клуче,
име му е книга мила,
а го има тој што учи.

Перо Миленкоски


Септември

Септември е волшебник,
слезе од ридиштата,
со лисје пожолтени
ги покри патиштата.

Прошета низ лозјата,
ги обра гроздовите,
од гранките стежнати
ги скина плодовите.

Со песна ги разбуди
од сон училиштата
со слики ги украси,
ги смете двориштата.

Ги изора нивите
ги замати реките,
со брашно од пченица,
ги наполни вреќите.

Септември е волшебник,
насекаде патува,
со четка невидлива
и гори позлатува.

Стојан Тарапуза


Активности за ученици

1. Во училницата поделете се во три групи. Првата група може да носи име „Рецитатори“, втората „Илустратори“, а третата, „Краснописци“.
2. Учениците од првата „Рецитатори“ треба меѓусебно да си ги распределат строфите и трите песнички да ги научат наизуст.
3. Групата „Илустратори“ треба да создаде визуелни решенија за трите песни одделно, врз основа на стиховите. Тоа може да биде една илустрација, или повеќе илустрации според поетските слики во песните.
4. Групата „Краснописци“ на бел лист хартија треба да ги испише стиховите на песните, со што е можно подобар ракопис.
5. Илустрациите и краснописите залепете ги на училишната табла, а пред неа учениците од првата група нека ги изрецитираат стиховите.