Александар Зверев / Фото: ЕПА

ТЕНИС – СО ТРИУМФОТ НА САД ОПЕН

  • Зверев годинава триумфира на Ролан Гарос и играше во финалето на Вимблдон, а сега првпат победи и на САД опен

Пред шест години германскиот тенисер Александар Зверев (29) испушти предност од два сета и претрпе пораз од Австриецот Доминик Тим, иако сервираше за победа во петтиот сет на тенискиот гранслем-турнир САД опен. Овој пат, наместо со сопствената трема, Зверев (2) се соочи со Американецот Бен Шелтон (4) и со поголемиот дел од публиката, во која имаше 24.000 гледачи. Но ова беше поинаков Зверев, сега веќе шампион на гранслем-турнир, откако во јуни триумфира на Ролан Гарос.
Тој беше толку фокусиран што во почетокот не ни сфати дека ја обезбедил победата со 6-3, 7-6 (7-2), 5-7, 6-2, пишува „Би-би-си“. Откако упати уште еден неодбранлив сервис за крај на мечот, Зверев се врати на основната линија подготвен да го почне следниот поен, сѐ додека неговиот тим не му викна дека натпреварот е завршен.
– Во тој момент бев целосно во мојот ритам, длабоко концентриран. Воопшто не ја слушав вревата. Интересно е што тренерите по тенис секогаш ти велат едноставно да го одиграш следниот поен и да заборавиш на резултатот. Во тој момент заборавив на резултатот и тоа ми помогна – рече Зверев, пренесе „Би-би-си“. Г.И.