Фото: Пиксабеј

Цената на природниот гас во Европа денеска нагло порасна поради зголемената загриженост околу снабдувањето, предизвикана од прекините во испораките на течен природен гас од производствените области во Персискиот Залив, објави ДПА.

Фјучерсите за природен гас TTF со испорака следниот месец на берзата во Амстердам во раното тргување пораснаа за повеќе од пет проценти, достигнувајќи 83,75 евра за мегават-час (MWh). Тоа е највисока цена од крајот на 2022 година.

Пазарите се под дополнителен притисок поради продолжениот прекин на снабдувањето со течен природен гас (LNG) од Блискиот Исток, поврзан со блокадата на Ормускиот Теснец, една од клучните транспортни точки за светските енергетски пазари.

Дополнителна неизвесност предизвика и одложувањето на состанокот меѓу Иран и неколку земји од Заливот, на кој требаше да се разговара за состојбата околу теснецот.

Оманскиот министер за надворешни работи, Бадр ал-Бусаиди, синоќа на платформата „Икс“ соопшти дека регионалниот состанок во Салала е одложен поради недостиг на консензус.

 – Остануваме посветени на поттикнување на дијалогот што ја поддржува стабилноста и трајната соработка во нашиот регион – наведе ал-Бусаиди.

Според првичните планови, Иран и Оман требало на состанокот да претстават договор поврзан со застојот во конфликтот околу Ормускиот Теснец.

Европскиот пазар на гас годинава бележи значителен раст на цените, додека неизвесноста околу конфликтот со Иран и ограничувањата во снабдувањето со енергија продолжуваат.

Европските земји дополнително се соочуваат со притисок да ги наполнат резервите на природен гас пред почетокот на зимската сезона, во услови на намалени залихи и зголемена неизвесност околу идните испораки, пренесе ДПА.