Фискалната неодговорност влијае на многу повеќе работи отколку само на домашните програми на американската влада. Во годините што доаѓаат, таа ќе влијае и на американската надворешна и воена политика. Сѐ повеќе станува јасно дека улогата на светски полицаец воопшто не е евтина, оценува „Нејшнл интерест“
Годишната битка за буџетот е пред кулминација и Вашингтон продолжува да се расфрла со својата голема дисфункционалност. Но, фискалната неодговорност влијае на многу повеќе работи отколку само на домашните програми на американската влада. Во годините што доаѓаат, таа ќе влијае и на американската надворешна и воена политика. Па, така, т.н. одбранбен буџет е цената за агресивната надворешна политика на Вашингтон. Сѐ повеќе станува јасно дека улогата на светски полицаец воопшто не е евтина, оценува „Нејшнл интерест“.
Американската влада нема поважна обврска од одбраната на нацијата. Финансирањето на „заедничката одбрана“ е релативно лесно, бидејќи Америка на исток и на запад има големи океани, а на север и на југ мирољубиви соседи. Денес, само Русија, со арсеналот на нуклеарни проектили, може да изврши сериозен напад на Америка. Сепак, Москва нема никаква причина да го стори тоа, бидејќи резултатот ќе биде уништувачка одмазда. Кинеската армија ги зајакнува капацитетите, но тие се насочени кон спречување на Вашингтон на доминација на Кина дома, како и кај нејзините соседи. Ниту пак терористите претставуваат егзистенцијална закана за САД.
Тогаш, како што наведува „Нејшнл интерест“, се поставува прашањето зошто Вашингтон троши 717 милијарди долари во фискалната 2019 година за да одржува големи армии, флоти и воздушни армади низ светот. Во секој случај не за одбрана на Америка. Овие милијарди се наменети за заштита на сојузниците, задржување на влијанието, обнова на пропаднатите општества, диктирање на однесувањето, како и за промовирање вредности. Сите овие работи можеби имаат некоја вредност, иако ретко толку многу како што се проценува. И, ниту една нема врска со заштитата на американската територија, народ, уставен систем и напредокот.
За жал, напаѓањето е многу поскапо од одвраќањето. Повеќето од трошоците на Пентагон се наменети за проекција на моќ, поради што САД имаат огромен воен буџет, кој е еднаков на комбинацијата на буџетите на наредните десет земји според воената моќ. Ниту една од нив или, пак, комбинација од нив, не може да ја порази Америка. Наместо тоа, Вашингтон сака да има капацитет да ги нападне нив.
Иако Американците би требало да бидат подготвени да ја платат секоја цена за нивната одбрана, тоа не важи за реобликувањето на светот. Според „Нејшнл интерест“, испраќањето Американци да се борат и да загинат за задачи од периферно значење отсекогаш беше глупаво. Америка некогаш се чувствуваше доволно богато за да ги насочи своите финансиски ресурси за таквите авантури, но тие денови се завршени. Вашингтон е де факто банкротиран, со огромен број нефинансирани обврски. Неговата фискална иднина само ќе се влошува, како што сѐ повеќе лица од беби-бум генерацијата ќе се пензионираат.
Минатата година, Републиканската партија, која порано важеше за самопрогласен чувар на буџетот, ја искористи контролата на Конгресот и Сенатот за симултано да го зголеми федералното трошење и да ги намали даноците. Резултат на тоа е дефицит што се приближува до 779 милијарди долари, што е за 114 милијарди повеќе од претходната година. Последен пат кога вујко Сем создаде толкав дефицит беше во 2012 година, кога закрепнуваше од финансиската криза. За жал, бројките само ќе се влошуваат. Конгресната буџетска канцеларија (КБК) оцени дека предлогот на претседателот за буџетот за 2019 година ќе го доведе дефицитот до речиси илјада милијарди долари, и тоа без уште една финансиска криза. Дефицитот ќе продолжи да се зголемува, а се очекува во 2028 година да достигне 1.527 милијарда долари, односно речиси двапати повеќе од ланското ниво.
Во вакво опкружување, се поставува прашањето што ќе се случи со Пентагон, кој троши многу пари, време и американски животи за заштита на други земји, од кои повеќето се многу населени и напредни? Кратењето на трошоците е неизбежно. Очигледно место за почеток се контингентот операции во странство. Трошоците за овие операции достигнаа кулминација во 2007 и 2008 година, кога изнесуваа дури 28 отсто од буџетот на Пентагон. Во периодот 2001-2018 година, нивниот просек изнесува 20 отсто од буџетот. Најголем дел од овие фондови се троши за војни по избор, социјален инженеринг и други сомнителни авантури, кои имаат малку врска со „заедничката одбрана“ на Америка.
Сепак, потребни се многу посериозни намалувања на трошоците. Почетна точка е промена на надворешната политика на Америка. Тоа значи дека намалувањето на трошоците без притоа да се изменат целите може да создаде опасно несовпаѓање, што ќе го принуди Вашингтон да ги напушти своите обврски или да ги почитува без потребната сила. Наместо тоа, администрацијата во Вашингтон би требало да ги напушти непотребните алијанси и сојузи, нагодувајќи ја соодветно својата структура на силата. За тоа е потребна сериозна дебата за американската улога во светот и неизбежна „размена“ помеѓу воениот авантуризам, домашните социјални програми и приватните приходи.
Америка на прво место, како што најави претседателот Доналд Трамп, не треба да значи игнорирање на потребите и правата на другите. Но, би требало да признае дека најголемата должност на американската влада е кон нејзиниот народ. Америка на прво место исто така значи дека војната, ако се земат предвид нејзините уникатни трошоци (загубени животи, преземени ризици, потрошени пари), треба да биде последна опција и тоа само за најсериозните, па дури и витални цели, заклучува „Нејшнл интерест“.