Тогаш се стекнуваше независност, денес треба да обезбедиме просперитет

  • Читајќи го впечатливиот серијал текстови на искусниот колега Панде Колемишевски по повод 35-годишнината од независноста, кои излегоа во „Нова Македонија“ во пресрет на празникот, можеме да извлечеме неколку важни заклучоци и историски лекции што го збогатуваат претстојниот 8 Септември, давајќи покомплетна слика за настаните од пред 35 години, но и поука како да продолжиме понатаму

Стекнувањето на независноста на Македонија на референдумот во 1991 година, со секоја измината година оттогаш, вообичаено и со право се романтизира, како континуитет и кулминација на вековната борба за сопствена држава во која жртви поднеле голем број генерации, како судбоносен момент за постоењето и опстанокот на македонскиот народ, како траен симбол на македонското заедништво…

Но таквиот историски процес е далеку послоевит и покомплексен, особено земајќи ги предвид сите фактори и случувања во тогашните бурни времиња на овие простори. Читајќи го впечатливиот серијал текстови на искусниот колега Панде Колемишевски по повод 35-годишнината од независноста, кои излегоа во „Нова Македонија“ во пресрет на празникот, можеме да извлечеме важни заклучоци и историски лекции што го збогатуваат претстојниот 8 Септември, давајќи покомплетна слика за настаните од пред 35 години, но и поука како да продолжиме понатаму.

  • Одбележувањето на 8 Септември не треба да се сведе на сеќавање на една голема победа, туку да послужи и за преиспитување на она што сме го сториле со наследеното. Независноста е избор што беше направен пред 35 години. Каква држава ќе оставиме по нас е избор што го правиме денес

Тогашната состојба можеме да ја китиме со најпатриотски описи, но истовремено мора да се истакне дека била неизвесна и хаотична, со повеќе незгодни свиоци на патот до посакуваната независност. Многумина сакале независност веднаш, па дури и по цена на пролеана крв, други стравувале од можните последици, некои сакале Македонија да остане во некаква нова Југославија, имало сомнежи кон Србија, стравување од Бугарија, притисоци од Грција, тензии со ЈНА… Имало голем број отворени прашања. Дали самостојната држава ќе биде економски одржлива, кој ќе ја признае, како ќе функционира додека околу се разгоруваат воени жаришта, како ќе се одрази независноста врз меѓуетничките односи…

Згора, тогашните политичари биле поделени во атмосфера на меѓусебна недоверба. Некои калкулирале, едни сакале одложување, додека на други им се брзало за референдумот, а имало и обвинувања за предавство. Дури и на свечената бина на градскиот плоштад во Скопје за прогласување на успешноста од референдумот, набрзина поставена заедно со озвучувањето, упадливо било отсуството на дел од политичкиот и општествениот врв, како и на претставник на Албанците.

Наспроти сите забележани тешкотии, силната волја на народот изразена на референдумот со 97,9 отсто од гласовите „за“ независност била искрена и обединувачка и довела до остварување на вековниот сон. Таква сплотеност и одлучност ни се потребни и сега за справување со денешните предизвици, за да се избориме за унапредување на образованието, здравството, правосудството, енергетиката, земјоделството, инфраструктурата, спортот… Да изградиме функционална економија и одржливо стопанство. Тие желби ги повторуваме со секое одбележување на 8 Септември, надевајќи се дека ќе почнат да се остваруваат.

Три и пол децении по референдумот, најголемата лекција од 8 Септември е во сознанието дека државата се создава и се брани со разум, одговорност и заедништво. Денес, од оваа дистанца, лесно е да се каже кој бил во право, но што ако тогаш надвладееле најгласните, а не најразумните и највнимателните? Генерациите што се изборија и ја дочекаа независноста имаа историска задача. Нашата задача денес е да ја направиме државата функционална и просперитетна.

Одбележувањето на Денот на независноста не треба да се сведе на сеќавање на една голема победа, туку да послужи и за преиспитување на она што сме го сториле со наследеното. Независноста е избор што беше направен пред 35 години. Каква држава ќе оставиме по нас е избор што го правиме денес.

Нека ни е честит 8 Септември како потсетник дека најголемите национални цели се остваруваат кога разумот и заедништвото ќе надвладеат над поделбите. Нека е вековита самостојна, суверена и слободна Македонија, во која сите нејзини жители обединето ќе работат за подобро утре за сите.