Уништувањето на маркацијата на Шар Планина може да се чита и како нешто повеќе од материјална штета
Современата држава не ја потврдува својата присутност само со полицаец, војник или граничен премин. Ја потврдува со пат, табла, музеј, споменик, планинарска ознака, туристичка инфраструктура, катастар, патоказ и со секој друг јавен знак дека просторот е уреден и дека за него постои одговорност.
Токму затоа уништувањето на маркацијата на Шар Планина може да се чита и како нешто повеќе од материјална штета. Тоа е напад врз една идеја, имено дека „оваа планина НЕ може да биде организирана како јавен, туристички и културен простор на Македонија“. Доколку, пак, истрагата покаже политички мотив, тогаш пораката е уште посериозна. Имено, во превод, во една најбезобѕирна варијанта, таа порака би можела да звучи нешто како: „Не сакаме ова место да биде означено како ваше“. (!?)
Значењето на проектот „Славков“
Има нешто особено симптоматично во фактот што токму оваа маркација е дел од проект во кој учествуваат Австрија, Чешка и Словачка. Нивната помош не е само финансиска донација.
Таа е една класична мирољубива европска порака дека „планината може да биде простор на соработка, туризам, безбедност и развој“. Но, како што се гледа од приложеното, некој потоа со брусилка ги сече знаците на таа соработка?!
Тоа е причината зошто реакцијата на австрискиот амбасадор Мартин Памер е значајна. Прашањето дали воопшто треба да се продолжи со поддршка на вакви проекти покажува дека инцидентот кај Европејците не е доживеан само како локален вандализам…
Не е време за премолчување
Најлесно е случајот да се затвори со класификацијата – „вандализам“. Потешко е да се постави прашањето што стои зад него. Кој ги избрал столбовите? Кој знаел каде се поставени? Кој имал време и опрема да отстранува десетици од нив? Зошто токму оваа траса? Зошто токму оваа опрема? И дали истите мотиви се појавуваат и кај други оштетени македонски обележја во западниот дел на државата?
– Доколку истрагата покаже дека станува збор за координирана активност, тогаш сето ова ќе мора да се нарече со вистинското име. Затоа што тогаш веќе нема да станува збор за „луѓе, поединци или мали групи, кои кршат нешто што им се нашло на патот“. Ќе станува збор за луѓе што намерно бришат симболи, знаци, инсигнии… А знаците, понекогаш, се поважни од самата материја од која се направени. Бидејќи кога некој ќе ја исече таблата, ќе го скрши споменикот или ќе го откорне столбот од планината, не исчезнува само предметот. Се испраќа порака. Прашањето е само дали се има политичка волја таа порака вистински да се прочита – заклучуваат нашите соговорници, експерти од областа на безбедноста. Н.М.


































