Министерството за внатрешни работи информира дека сообраќајот на Граничниот премин Табановце се одвива нормално и без поголеми задржувања.
– Во изминатиот период беа регистрирани зголемени задржувања поради постапувањето со возилата со странски регистарски ознаки кај кои системот „Безбеден град“ има евидентирано сообраќајни прекршоци. Дополнително, ставена е во функција мобилната апликација „Безбеден град“, која во оваа фаза е наменета за странски државјани. Преку апликацијата тие можат да добијат информации за евидентираните прекршоци и издадените платни налози, како и да ги подмират глобите по електронски пат – информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека со воведувањето на апликацијата се олеснува и забрзува постапката за регулирање на сообраќајните прекршоци, што придонесе за нормализирање на сообраќајот и намалување на задржувањата на Граничниот премин Табановце.
– Министерството за внатрешни работи продолжува со преземање на сите потребни мерки за обезбедување непречен проток на возила и патници преку граничните премини – посочуваат оттаму.




































