Фото: Доналд Трамп/ Официјален фејсбук профил

Доналд Трамп изјави дека го смета стратешкиот морски премин Ормуска Теснина за „американска територија“, додека Соединетите Американски Држави ја продолжуваат воената блокада врз иранскиот поморски сообраќај и пристаништа, пишува „Гардијан“.

За време на обраќањето на предизборниот митинг во Јужна Каролина, Трамп истакна дека контролата врз овој клучен воден пат практично ги става САД во позиција на целосна доминација.

– Не знаеме ни дали победивме, бидејќи во моментов го гледам Ормускиот теснец како американска територија – порача Трамп пред присутните, давајќи поддршка за сенаторката Дарлин Греам.

Подоцна во говорот, тој се пошегува и за воените дејствија против Техеран, прашувајќи ја публиката дали треба „да се врати и да го бомбардира Иран уште малку“, пред да премине на својата редовна реторика за антиимигрантските политики.

Воена блокада и економски притисок

Според податоците од Централната команда на САД (Центком), американските воени сили пренасочиле 68 комерцијални бродови со цел спроведување на блокадата. Вашингтон се обидува преку интензивен економски притисок да го принуди Иран на отстапки, прекинувајќи го пристапот до теснинецот низ кој вообичаено минува една петтина од светските испораки на нафта.

Идејата за прогласување на водениот пат за американска зона Трамп ја спомена уште изминатата недела, а на социјалните мрежи објави и карта на која поминот е означен како „нова територија на САД“.

Иранските власти веднаш реагираа на изјавите. Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, ги отфрли тврдењата на Трамп, квалификувајќи ги како „опасни заблуди“ кои дополнително ги дестабилизираат односите во регионот.