Најновото издание на издавачката куќа „Илика“ е романот „Забранета тетратка“ од италијанската писателка Алба де Сеспедес. Ова е втора книгата во едицијата „Класици“ на оваа издавачка куќа. Преводот од италијански јазик е на Ирина Талевска, а лектурата на Софија Чолаковска-Поповска, додека за графичкото обликување на книгата се погрижија Ема Велковска и Марија Смилевска.
Алба де Сеспедес е кубанско-италијанска писателка родена во 1911 година. Родена е во Рим, каде што и го поминала детството. Во 1930-тите години почнала да работи како новинарка и да пишува за неколку италијански весници, а во тој период го започнува и својот политички активизам, учествувајќи во партизанскиот отпор против фашистите во Италија. По завршувањето на војната, Де Сеспедес ги објавува своите најпознати романи, „Нејзината страна на приказната“ (1949) и „Забранета тетратка“ (1952), а исто така го пишува сценариото за филмот „Другарки“ на Микеланџело Антониони. Во 1950-тите години книгите на Алба де Сеспедес стануваат бестселери во Италија, но на пошироката книжевна сцена таа останува релативно непозната. Повеќето од нејзините дела се преведуваат на странски јазици дури по нејзината смрт во 1997 година.
„Забранета тетратка“ е роман објавен во повоениот период во Италија, отпрво публикуван во продолженија од 1950 до 1952 година, а потоа и како книга во 1952 година. Романот започнува со еден „радикален“ чин – една жена случајно решава да купи и една тетратка бидејќи помислува дека во неа би можела да запишува некои детали од својот живот.