Фото: ЕПА

Дали на Вашингтон му се симнува ореолот на „единствен арбитер на Блискиот Исток“

  • На Блискиот Исток можеби се случува промена што ќе биде поважна од секоја поединечна воена операција, дипломатска криза или
    привремено примирје. Во Мека, Саудиска Арабија, Пакистан и Турција потпишаа договор за заемна одбрана, според кој, напад врз една од страните се третира како напад врз сите. Со тоа, три од највлијателните држави на сунитскиот муслимански свет испраќаат порака
    дека регионалната безбедност повеќе не мора автоматски да се потпира врз американскиот чадор

Квалификацијата на повеќе светски аналитичари дека на Блискиот Исток се создава нов воен пакт, сличен на НАТО, но со исламски, односно муслимански предзнак со потпишувањето договор меѓу Саудиска Арабија, Пакистан и Турција што предвидува заемна одбрана врз принципот „напад врз една од страните се третира како напад врз сите“, во јавноста го лансираше називот „муслиманско НАТО“. Иако политички атрактивна и донекаде поедноставена, не треба да се отфрли како обична медиумска метафора. Според повеќе светски аналитичари, зад тој пакт стои нешто посериозно, а тоа е „обидот на регионалните сили самите да ја редефинираат безбедносната архитектура на Блискиот Исток“.
Тоа не значи дека Америка прекуноќ си заминува од регионот. Американските бази, оружје, разузнавачки капацитети, економско влијание и дипломатски мрежи и натаму се огромни. Но нешто суштинско се менува. Имено, регионалните сили почнуваат да се однесуваат како актери што можат да ја креираат, а не само да ја следат геополитичката агенда на Вашингтон.

Од сојузници на Америка до стратешки автономни партнери

Најзначајниот елемент во оваа информација аналитичарите сметаат дека е – Саудиска Арабија. Официјален Ријад со децении беше еден од столбовите на американското присуство во регионот. Но саудиската политика последните години сè повеќе покажува дека партнерството со Вашингтон не значи и безусловна зависност од Вашингтон. Саудиска Арабија сака сопствена стратешка автономија. Второ, Турција, пак, одамна настојува да се позиционира како самостоен центар на моќ. И трето, Пакистан располага со нуклеарен арсенал и со армија со огромно регионално значење. Кога овие три држави ќе почнат институционално да ја поврзуваат својата безбедност, се појавува сосема нова геополитичка равенка.

Иранскиот фактор ја менува целата политичко-безбедносна калкулација

Иран е неизбежниот фактор во оваа равенка. Новата регионална архитектура не може да се разбере без војната и долготрајната конфронтација меѓу Вашингтон и Техеран. Ормускиот Теснец, преку кој минува огромен дел од светската енергетска трговија, стана симбол на ограничувањата на американската моќ. Иран покажа дека контролата врз теснецот може да стане инструмент на огромен политички и економски притисок. Американските обиди да ја наметнат својата контрола над Ормускиот Теснец се судираат со иранските тврдења дека Техеран има право да го регулира неговото функционирање. Тука лежи една од најважните лекции од актуелната криза. Во современата геополитика, воената надмоќ не секогаш е еднаква на политичката контрола.

Турција, Саудиска Арабија и Пакистан – необична тројка со заеднички
именител

На прв поглед, овие три држави не изгледаат како природни сојузници. Турција има свои неоосмански амбиции и сопствена визија за регионалниот поредок. Саудиска Арабија е монархиска сила со огромни финансиски ресурси и специфични интереси во Персискиот Залив. Пакистан е јужноазиска нуклеарна сила, историски врзана со Кина, но и со долгогодишно партнерство со САД. Она што ги поврзува не е целосната согласност за сите прашања. Но, според многу воено-безбедносни аналитичари, нивниот заеднички именител е сознанието дека „во нестабилен регион е опасно целата безбедност да се делегира на надворешна сила“. Токму тоа ја прави новата конфигурација малку (повеќе) поразлична од досегашната. Ако порано регионалните држави бараа заштита од големите сили, сега дел од нив почнуваат да градат сопствена мрежа на одвраќање.

Дали новиот трилатерален пакт навистина е налик на НАТО?

Иако многу светски аналитичари веднаш му залепија етикета на новиот пакт дека е новото НАТО, но со исламски контекст, овде треба да се биде особено внимателен. НАТО не е само договор со формулација дека „нападот врз еден член е напад врз сите“. Зад НАТО стојат децении градење институции, нивна интероперабилност, политички и воен дел на Алијансата, па потоа стратегии, заедничко воено планирање, командна структура, бази, стандарди, логистика, политички механизми итн. Новата безбедносна архитектура на Блискиот Исток сè уште е далеку од тоа. Затоа терминот „муслиманско НАТО“ повеќе треба да се сфати како политички сигнал отколку како готова воена организација, па уште со конфесионална одредница?! Малку невкусно, но сигналот е сериозен. Сепак, она што слободно може да се констатира е дека регионалните сили на Блискиот Исток сакаат поголема контрола врз сопствената безбедност.

Најголемата промена можеби не е во Ријад, туку во Вашингтон

Америка и натаму е суперсила. Но нејзиниот проблем е што регионалните партнери повеќе не се однесуваат како партнери од времето на Студената војна. Саудиска Арабија разговара со Кина. Турција води сопствена политика меѓу НАТО, Русија, Кина и Блискиот Исток. Пакистан го продлабочува односот со Пекинг. Иран ја гради својата мрежа на сојузници. Сите тие држави имаат различни интереси, но една заедничка карактеристика. Имено, тие не сакаат да зависат од една единствена голема сила. Тоа е можеби најголемиот геополитички пораз што може да го доживее една империјална сила – не кога некој формално ќе ја напушти, туку кога нејзините партнери ќе престанат да веруваат дека таа е незаменлива. Можеби затоа изразот за „губење на американската контрола врз Блискоисточниот Регион“ треба да се разбере попрецизно. Не станува збор за тоа дека утре американските сили ќе го напуштат регионот. Станува збор за нешто посуптилно и долгорочно. Доаѓа крај на времето кога Вашингтон можеше да претпостави дека неговата безбедносна архитектура е единствената реална архитектура. Договорот меѓу Саудиска Арабија, Турција и Пакистан е важен токму поради тоа. Тој можеби нема веднаш да создаде „муслиманско НАТО“. Но создава нешто што може да биде уште позначајно – навика за стратешко дејствување без американско туторство. А ако таа навика се прошири, Блискиот Исток нема само да добие нов сојуз. Ќе добие нов баланс на силите. И тогаш вистинското прашање нема да биде дали Америка го губи Блискиот Исток. Туку дали Блискиот Исток конечно престанува да биде американски. Р.С.


Новиот Блиски Исток нема да биде ниту американски ниту ирански

Мултиполарност и на Блискиот Исток

 

Би било погрешно актуелните процеси да се толкуваат како едноставна победа на Иран и пораз на Америка. Регионот не оди од американска во иранска хегемонија. Оди кон мултиполарност. И тоа е можеби најважниот збор за разбирање на новиот Блиски Исток. Саудиска Арабија не сака Иран да доминира. Турција не сака Саудиска Арабија да доминира. Иран не сака американско воено присуство. Израел не сака иранска регионална доминација. Кина сака стабилен регион и економски пристап. Русија сака да го зачува своето влијание. Во таков систем никој не победува целосно. Решението едноставно е рамнотежа во мултиполарност во регионот.

Што значат ваквите промени на Блискиот Исток за Европа?

Европа треба внимателно да ја следи оваа промена. Доколку американското присуство во регионот постепено се релативизира, Европа ќе мора да живее со последиците – енергетската безбедност, миграцијата, поморската безбедност, тероризмот и новите миграциски и економски бранови. За Европската Унија, Блискиот Исток не е далечна геополитичка сцена. Тоа е соседство. А секоја промена на односот на силите во тоа соседство порано или подоцна пристигнува и на европските граници. Р.С