Во изминатата седмица, тимовите на Генералната дирекција за санација на последиците од природни катастрофи извршиле 427 увиди на објекти во подрачја во Грција погодени од пожарите. Од нив, 151 објект се категоризирани како „црвени“, односно се оценети како несоодветни за употреба, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за климатска криза и цивилна заштита информираат дека проценките биле извршени во централниот дел на Грција, западна Атика, Пелопонез и Крит, во областите погодени од пожарите во изминатиот период.
Од вкупно 427 проверени објекти, 131 се во „зелена категорија“, што значи дека немаат претрпено штети. Во „жолта категорија“ се 145 објекти, на кои им се потребни одредени интервенции, додека 151 се во „црвената категорија“ и имаат најсериозни оштетувања, поради што во најголем број случаи ќе треба целосно да бидат урнати.
Во истите подрачја биле извршени и 311 повторни процени на станбени објекти, од кои 116 повторно биле категоризирани како „црвени“.
На островот Саламина, каде што во пожарот во неделата загинаа две лица, а десет беа повредени, биле проверени 22 објекти. Од нив, пет се оценети како несоодветни за употреба.
Во општина Касандра, на првиот крак на Халкидики, по пожарот што го зафати поширокиот регион на Сивири во четвртокот, биле извршени проценки на девет објекти. За два од нив не биле утврдени штети, додека кај седум се потребни одредени интервенции.
Заменик-министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Костас Кацафадос, денеска ќе го посети погодениот дел од Халкидики. Тој ќе се сретне со локалните власти, а на состанокот во Општина Касандра ќе се разговара за состојбата на терен, процената на штетите и следните чекори за активирање на државната помош и мерките за санација.


































