КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ, ДИВИЗИЈА Б

Македонија со три победи и пет порази го освои 14-то место во конкуренција на 22 репрезентации Во крајно неизвесен и драматичен финален натпревар одигран во Гевгелија, хрватските кадети успеаја да триумфираат на Европското првенство (ЕП) во кошарка, дивизија Б (за играчи до 16 години), кое се одржа во Скопје и Гевгелија, откако славеа над Исланд со 69-67. Хрватска ги доби сите осум натпревари. Бронзата му припадна на Исланд (вкупен скор 6-2), кој ја победи БиХ (со вкупен скор 5-2) со 83-67. Македонија со три победи (Кипар, Швајцарија и Унгарија) и пет порази (Исланд, Хрватска, Украина, Ирска и Бугарија) го освои 14-то место меѓу 22 селекции.
– Мислам дека оваа слика е реална. Ние во групната фаза игравме на максимум. Имавме и лоши моменти, тоа е нормално, но немаме длабока клупа што може да ги компензира тие работи. Многу работа е пред нас – изјави по ЕП, македонскиот селектор Дејан Стојановски, пренесе КФМ.
За најкорисен играч на ЕП беше прогласен Хрватот Лука Лени Укиќ, кој беше и дел од идеалната петорка на ЕП, а наградата му ја врачи легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски. Покрај Укиќ, во најдобрата петорка се најдоа и Никша Злопаша (Хрватска), Атли Харалдсон (Исланд), Мак Омеровиќ (БиХ) и Берт Мартин (Естонија). Г.И.