Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (30)
- Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот нуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите е и на одговорното сопствеништво на милениците.
Звучи убаво, човечки и доволно емотивно за никој да не сака да го доведе во прашање. Но токму тука почнува проблемот. Кога една убава реченица ќе ја претвориме во општ факт, престануваме да го гледаме животното онакво какво што навистина е и почнуваме да го гледаме онакво какво што сакаме да биде.
Не секое куче на улица е напуштено домашно куче. И не секое куче што живее покрај човекот има потреба да живее со човекот. Во природата постои добро позната појава наречена синантропија – животни што го користат просторот што го создал човекот затоа што таму има услови за преживување. Стаорците ги користат канализациите, гулабите зградите, лисиците парковите во градовите и предградијата, а различни видови птици и инсекти ги користат човечките населби и домови како извор на храна и засолниште. Никој не тврди дека стаорецот во Скопје бара љубов и дом. Тој едноставно нашол средина во која може да преживее.
Кај слободноживеачките кучиња и мачки ситуацијата е посложена, бидејќи припаѓаат на вид животни од кои една линија живее со човекот како домашно припитомено животно. Но тоа не значи дека секое куче што живее на улица е само привремено „без дом“. Постојат популации што се раѓаат, се размножуваат и живеат во слободен простор, користејќи ги ресурсите што ги создава човекот, но надвор од неговата контрола. Тоа може да бидат отпад, остатоци од храна, депонии, отворени контејнери, магацини, индустриски објекти, напуштени објекти или други места каде што има храна и засолниште.
Едно истражување во Бангалор, Индија, следело слободноживеачки кучиња и достапните извори на храна. Авторите утврдиле дека густината на куќи, месарници, кафеани, пекарници и купишта отпад била значаен показател за бројот на кучиња. Во некои подрачја биле проценети стотици, па и над илјада кучиња на квадратен километар. Особено е интересно што речиси ниту едно од домаќинствата не ги хранеле директно кучињата, но нивниот неуредно управуван отпад бил доволен за да има големо влијание врз одржувањето и развивањето на популацијата.
Во Зимбабве, друго истражување покажало колку човековите отпадоци можат да бидат важен извор на храна за слободноживеачките кучиња. Истражувачите утврдиле дека делови од човечката храна и неефикасно управуваниот органски отпад биле постојано достапни и обезбедувале доволно хранливи материи за добра телесна кондиција и репродукција. Но авторите предупредуваат и нешто важно: намалувањето на еден извор на отпад нема нужно да ја намали популацијата ако останат достапни други човечки отпадоци.

Значи, не станува збор за тоа дека уличното куче „го сака човекот“. Станува збор за екологија. Ако човекот создава ресурс, животното може да го искористи. Тоа е многу помалку романтично, но многу поблиску до науката.
Ова е и една од причините зошто не ми се допаѓа кога целата приказна за уличните кучиња се сведува на „тие само бараат дом“. Со таква реченица ние ја прескокнуваме најважната работа: од каде доаѓа популацијата и што ја одржува? Ако секое куче го гледаме како индивидуална трагична приказна, ќе спасуваме поединци. Но ако сакаме да го решиме проблемот, мора да ја гледаме популацијата.
Во центарот за благосостојба ТУТУ го гледаме ова секојдневно. Кучињата не се исти само затоа што се кучиња. Некои лесно прифаќаат контакт, други се несигурни, трети не поднесуваат одредени манипулации, а четврти имаат сосема различна реакција на непознати луѓе или средина. Затоа нашата работа не може да биде само „да го спасиме кучето“. Нашата работа е да разбереме што му треба на конкретното животно. Токму затоа и едукацијата, особено на децата, ни е толку важна. Кога ќе научиме да го читаме кучето наместо да му припишуваме човечки мисли и желби, тогаш навистина почнуваме да го разбираме.
Најголемата заблуда е што човекот многу лесно ја заменува својата желба со потребата на животното. Кучето приоѓа – „сака љубов“. Кучето лежи пред продавница – „чека некој да го нахрани“. Кучето следи човек – „избра човек“. Кучето мавта со опашката – „среќно е“. Можеби. Но можеби бара храна, бара безбедност, следи научено однесување или едноставно реагира на нешто што се случува околу него. Самото наше толкување не е доказ.
И тука сум критичен и кон активизмот. Не кон луѓето што се грижат за животните, туку кон удобните приказни што понекогаш се создаваат околу таа грижа. Ако секое улично куче го претставиме како напуштено домашно милениче што само чека љубов, тогаш проблемот изгледа едноставен: земи го од улица и најди му дом. Но ако имаме слободноживеачка популација што се размножува и користи ресурси создадени од човекот, тогаш вдомувањето на едно куче не ја решава популацијата, особено што голем дел од тие единки тешко се навикнуваат на целосно контролиран живот и често се напуштани повторно на улица со чувство на неуспех. Вдомувањето на тие кучиња е нарушување на нивната благосостојба додека нивниот извоз во друга држава е една од најтрагичните работи што може да се случи на такво куче.
И токму затоа, Светската организација за здравје на животните не зборува за вдомување единки од слободноживеачката популација, туку единствено на напуштени миленици што имаат доволен степен на социјализација и потреба од контролиран живот бидејќи не се способни да преживеат оставени самите на себе. Нејзиниот пристап кон управувањето со популацијата на кучиња вклучува идентификација и регистрација, контрола на размножувањето, одговорно сопствеништво, вдомување, ветеринарна грижа и, многу важно, контрола на условите во животната средина. ВОАХ (WOAH) директно наведува дека екологијата на кучињата е поврзана со човековите активности и дека достапноста на храна, вода и засолниште влијае врз капацитетот на средината да поддржува одредена популација.
Затоа не треба да се срамиме од тоа да кажеме нешто што не звучи убаво: љубовта сама по себе не е политика за управување со популација. Хранењето само по себе не е управување со популација. Вдомувањето само по себе не е управување со популација. Стерилизацијата сама по себе исто така не е целото решение. Сите тие можат да бидат дел од решението, но мора да знаеме што сакаме да постигнеме и како ќе измериме дали сме успеале.
Уличното куче што е напуштен миленик навистина бара дом. Но да кажеме дека сите улични кучиња го бараат, е веќе нешто друго. Тоа не е наука, туку удобна приказна што е преземена без анализа од развиените држави како Холандија или Англија, кои ја истребиле слободноживеачката популација на кучиња сведена на невидливост. Таа приказна е сосема погрешна за Македонија и нејзиниот екосистем. А кога удобната приказна ќе стане основа за јавна политика, на крајот можеме да потрошиме децении и милиони евра, да спасиме неколку стотици поединечни животни и повторно да имаме ист проблем од стотици илјади кучиња на истите улици.
Ако навистина ги сакаме кучињата, треба да престанеме да зборуваме само за тоа што сакаме да биде вистина. Треба да видиме како тие навистина живеат. Да видиме од каде доаѓаат, со што се хранат, каде се размножуваат, како се движат и што ги задржува на одредена локација. Дури тогаш можеме да зборуваме за решение.
Зашто не секое улично куче бара љубов и дом. Некои бараат храна. Некои бараат безбедност. Некои бараат простор. Некои бараат партнер. А некои едноставно го користат светот што човекот го создал околу нив.
И тоа не е помалку важно затоа што не звучи убаво. Тоа е само реалноста.
































