Секоја година во средината на август Земјата поминува низ трагата од прашина што зад себе ја оставила кометата Свифт Татл. Таа својата орбита околу Сонцето ја поминуваа за 133 години. Тие зрнца, не поголеми од зрно песок, влетуваат во атмосферата на нашата земја со брзина од речиси шеесет километри во секунда (повеќе од 200 000 км/ч). На таа брзина воздухот пред нив се збива и вжарува, зрното испарува на далечина од стотина километри над нас а ние го гледаме блесокот од оваа појава. Овие метеори како да извираат од едно место на небото, во близина на соѕвездието Персеј и по него го добиле името Персеиди.
Оваа година најавено беше исклучително поволно небо за набљудување, без месечева светлина. Облаците на почетокот на ноќта ја покажаа својата несоработливост, но кога ветрот ги растера се отвори небо полно со ѕвезди како позадина на шоуто на метеорите, а пред камените фигури во Куклица, кратовско.










































