Фото: РФМ

РАКОМЕТ – ЕП 2026 ЗА КАДЕТИ

  • Кадетската репрезентација, која ќе игра за пласман до 9. место на ЕП 2026, го обезбеди опстанокот и се пласира на ЕП 2028 за младинци

Машката репрезентација на Македонија за ракометари до 18 години, предводена од селекторот Горан Кузмановски, обезбеди пласман меѓу најдобрите 16 на Европското првенство (ЕП) во Белград (Србија) и денеска ќе ги продолжи натпреварите за пласман од деветтото до 16. место. Македонската репрезентација го освои второто место во својата група од разигрувањето и како најдобра второпласирана селекција обезбеди место меѓу најдобрите 16 селекции на континенталниот шампионат.
Со овој успех, македонските ракометни кадети го обезбедија опстанокот , а наедно изборија и пласман на Европското првенство за младинци во 2028 година. Со тоа што ќе разигруваат за пласман од деветтото до 16-то место, црвено-жолтите надежи ќе остварат подобар пласман од претходното ЕП, на кое беа 19-ти.
Македонската кадетска репрезентација по групната фаза во својата група А беше последна, без победа, но во разигрувањето за пласман на ЕП 2026 забележа две победи, на дуелите со селекциите на Италија (33-23) и на Турција (29-27).
За што подобар пласман прв противник на црвено-жолтите денеска (од 12 часот) ќе им биде селекцијата на Фарски Острови, кои беа најдобра третопласирана репрезентација во главната рунда од ова ЕП, забележувајќи една победа, против Финска. Г.И.