Фото: Пиксабеј

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се воведуваат привремени рестриктивни мерки за руски државјани што живеат во странство, се осудени во отсуство и, според руските власти, избегнуваат извршување на казната.

Законот, потпишан на 4 август, стапува во сила веднаш по неговото објавување во Службен весник.

Според новите одредби, мерките ќе важат за лица осудени по кој било член од Кривичниот законик, како и за оние против кои има правосилни административни одлуки за прекршоци како „дискредитирање“ на руските вооружени сили, прекршување на правилата за статусот „странски агент“, учество во „непожелни организации“, повици за санкции против Русија или оспорување на територијалниот интегритет на земјата.

Според порталот ЕУалајв (EUalive), ваквите законски одредби често се применуваат против антивоени активисти, независни новинари и опозициски личности кои ја напуштија Русија по почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.

Законот предвидува Министерството за правда да води посебен регистар на овие лица, а главниот обвинител или неговиот заменик да одлучуваат за нивно впишување.

Со внесувањето во регистарот, засегнатите ќе се соочат со замрзнување на банкарските сметки во Русија, блокирање на електронското банкарство и паричните трансфери, забрана за продажба или пренос на имот и возила, ограничен пристап до државниот портал за услуги и електронскиот потпис, како и ускратување на речиси сите конзуларни услуги, вклучително и издавање или обновување меѓународен пасош. Исклучок ќе биде само издавањето потврда дека лицето е живо.

Дополнително, лицата нема да можат да се регистрираат како претприемачи или самовработени, да користат државни бенефиции, да добиваат кредити или да овластуваат други лица да постапуваат во нивно име.

Правните експерти од организацијата за човекови права „Прв оддел“ оценуваат дека ваквите мерки во практика претставуваат „граѓанска смрт“, бидејќи, иако лицата формално остануваат руски државјани, им се одземаат речиси сите практични права што произлегуваат од тоа.

По почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, стотици илјади Руси ја напуштија земјата. Најголемиот бран иселување следуваше по делумната мобилизација во септември истата година, кога, според проценките, меѓу 300.000 и 400.000 воено способни мажи заминаа во странство за да избегнат регрутација.

Новиот закон се носи во период кога Русија се соочува со недостиг на човечки ресурси за војната. Според ЕУалајв, во руските политички кругови се разгледува можноста за нов бран мобилизација по изборите за Државната дума во септември 2026 година, иако Кремљ официјално сè уште тврди дека се потпира на доброволно регрутирање.