Намалување на одливот на средства за лекување во странство и ортопедски помагала, како и воспоставување поефикасен систем за контрола на боледувањата, ќе бидат меѓу главните приоритети на новото раководство на Фондот за здравствено осигурување, најави директорот Златко Перински.
Тој информираше дека веќе се формираат работни групи кои ќе ги анализираат најкритичните области во работењето на Фондот, а доколку бидат потребни дополнителни финансиски средства за спроведување на мерките, тие ќе бидат обезбедени.
Најголемиот финансиски одлив, според Перински, е кај лекувањата во странство, за кои Фондот годишно издвојува околу 500 милиони денари. Посочи дека актуелниот систем е неефикасен, бидејќи еден предмет го обработуваат три различни сектори, без континуитет и единствена контрола.
– Ќе формираме посебна работна група која ќе ги анализира предметите од оваа и од претходните години. Не се мери успешноста на интервенциите, ниту се прави анализа кои клиники обезбедуваат најдобри резултати, што остава простор за можни злоупотреби – рече Перински.
Вториот приоритет е контролата на боледувањата. Тој нагласи дека Фондот досега не вршел проверки на боледувања постари од 12 месеци, иако според закон тие не би требало да траат толку долго. Во моментов се проверуваат случаи на боледувања што траат од една до три години, од три до пет години, како и подолги од пет години.
– Доколку контролите утврдат неправилности, ќе одиме до крај, ако е потребно и до Обвинителството – порача директорот.
Како трет сериозен предизвик ги посочи трошоците за ортопедски помагала.
Осврнувајќи се на измените околу пантопразолот на позитивната листа, Перински рече дека целта не е фаворизирање на одреден производител, туку ограничување на нерационалната и долготрајна употреба на лекот. Следната недела ќе одржи средба со Здружението на матични лекари, по што ќе се донесе конечна одлука дали ќе остане сегашниот режим или исти правила ќе важат за сите три генерички препарати.
Перински додаде дека состојбата со снабдувањето со лекови е стабилна и нема прекин во здравствените услуги. Призна дека има одредени предизвици во онкологијата, но очекува тие да бидат надминати во наредните десетина дена.
































