Министерството за финансии соопшти дека државните хартии од вредност кои од денеска котираат на официјалниот пазар на Македонската берза се дел од планираното задолжување на домашниот пазар, предвидено со Буџетот и Ребалансот за 2026 година, пренесе МИА.
Оттаму нагласуваат дека сите емисии се однапред транспарентно објавени во календарот на аукции за третиот и четвртиот квартал од годинава, како и преку проспектите со условите и термините за нивно издавање.
Според Министерството, приходите во Буџетот се реализираат согласно планот и бележат раст во однос на истиот период лани, додека сите буџетски обврски се сервисираат навремено.
Заклучно со 31 јули, вкупните приходи достигнале 204,553 милијарди денари, што претставува 53,9 проценти од планираното и е раст од 9,3 проценти на годишно ниво. Даночните приходи изнесуваат 117,963 милијарди денари, односно 55,3 проценти од планот, со раст од 10 проценти.
Најголем раст е забележан кај данокот на добивка, од кој се собрани 16,687 милијарди денари, што е зголемување од 20,6 проценти. Приходите од ДДВ достигнале 53,026 милијарди денари, или 13,4 проценти повеќе од истиот период минатата година, додека од персонален данок на доход се наплатени 20,925 милијарди денари, што претставува раст од 11,9 проценти.
Во истиот период, државата вратила 23,333 милијарди денари ДДВ кон компаниите, што е за 3,5 проценти повеќе во споредба со првите седум месеци од 2025 година.
На расходната страна, капиталните инвестиции достигнале 21,288 милијарди денари, што претставува раст од 39,6 проценти во однос на лани.
Министерството информира дека во првите седум месеци од годинава се исплатени 49,351 милијарда денари по основ на стари долгови кон странски кредитори, 11,665 милијарди денари кон домашни кредитори, како и 308 милиони денари за обврзници од денационализација.
Од Министерството за финансии порачуваат дека и понатаму ќе продолжат со транспарентно и одговорно управување со јавните финансии, во согласност со законските и стратешките определби.

































