Фото: Пиксабеј

На прв поглед звучи необично, но британски научници развиваат метод што би можел да помогне во спасувањето на загрозени животински видови – со користење клетки извлечени од свеж животински измет, пренесува Ројтерс (Reuters).

Проектот, наречен „Poo Zoo“, го водат истражувачи од Универзитетот Оксфорд во соработка со Зоолошката градина во Честер и американската организација „Ривајв енд Ристор“ (Revive & Restore). Наместо инвазивни постапки, научниците собираат свеж измет од животни како слонови, жирафи, окапи и лавови, а потоа во лабораторија издвојуваат живи клетки што природно се исфрлаат од организмот.

Доколку методот се покаже успешен, овие клетки би можеле да се одгледуваат во лабораторија и во иднина да се користат за создавање репродуктивни клетки, со што би се помогнало во програмите за размножување и зачувување на генетската разновидност на загрозените видови. Истражувачите нагласуваат дека проектот сè уште е во рана фаза, но првите резултати се охрабрувачки.

Според научниците, најголемата предност е што генетскиот материјал може да се собере без стрес или повреда на животните. Ако техниката се усоврши, таа би можела да стане нова алатка во борбата против исчезнувањето на ретките видови.