За првпат на македонски јазик е објавено интегралното издание на графичкиот роман „Персеполис“ од иранско-француската илустраторка и писателка Марџан Сатрапи, во превод на македонски јазик на Владо Ефтимов. Во ова дело таа го претвора личното сеќавање во политичко сведоштво, осветлувајќи ја вистината за репресијата, прогонството, созревањето и за отпорот преку искреност, духовитост и човечност.
„Персеполис“ (2000-2003) на Сатрапи, која почина на 4 јуни оваа година, е еден од најпродаваните и меѓународно најуспешни мемоари во форма на стрип и претставува скапоцено сведоштво за животот во Иран од крајот на седумдесеттите до средината на деведесеттите години од 20 век. Приказна за незаборавното детство на Марџан и за нејзиното созревање во љубов среде големо семејство во Техеран за време на Исламската револуција; за противречностите меѓу приватниот и јавниот живот во земја погодена од политички превирања; за нејзините средношколски години во Виена, каде што се соочува со предизвиците на адолесценцијата далеку од семејството; за враќањето дома – истовремено и слатко и болно; и, конечно, за нејзиниот самонаметнат егзил од саканата татковина. Ова е хроника на детство и младост, кои во исто време се бунтовни и блиски, живот испреплетен со историјата на својата земја, а сепак исполнет со универзалните искушенија и радости на растењето.
Суров, пробивен и искрен, често потресен, но проткаен со непосреден хумор и тешко стекната мудрост – „Персеполис“ е извонредно дело на една од најценетите графички авторки во историјата, која е уникатна и по својот ликовен и по својот пишан израз. Ова дело наедно е и прв ирански стрип, односно графички роман. Според првите два дела од книгата во 2007 г. е направен и долгометражен анимиран филм како заедничка креација на Сатрапи и францускиот автор на стрипови и филмови Венсан Пароно познат под уметничкото име Виншлус. Филмот премиерно е прикажан на Канскиот филмски фестивал, каде што ја освоил Наградата на жирито. Подоцна е номиниран и за „Оскар“ во категоријата најдобар анимиран долгометражен филм, како прва жена номинирана во таа категорија.
Марџан Сатрапи (1969-2026) беше француска илустраторка, писателка и режисерка од иранско потекло. Родена е во иранскиот град Решт. Мајка ѝ е правнука на персискиот шах Насир ел Дин, од династијата Каџар (владеел од 1848 до 1896), но своето образование им го должи на родителите, марксисти од средниот сталеж, кои ја охрабрувале нејзината индивидуалност. Пораснала во Техеран, каде што одела во француско училиште. Со желба да ја заштитат од политичките превривања, во 1983 година, родителите ја пратиле во Виена, каде што го продолжува школувањето. Факултет за ликовни уметности запишала во Иран, но потоа се преселила во Франција. За време на студиите почнала да работи како илустраторка на книги за деца.