- Досега осум возачи ги освоиле сите три грантур-трки. Погачар, кој ќе се трка на Вуелта, има пет победи на Тур де Франс и една на Џиро д`Италија
Новокрунисаниот петкратен шампион на Тур де Франс, Тадеј Погачар, ќе се трка на шпанската Вуелта овој месец во обид да ги освои сите три грантур-трки во велосипедизмот, пишува „Би-би-си“. Словенечкиот велосипедист неодамна стана најуспешен шампион на Тур де Франс на сите времиња, заедно со другите великани Жак Анкетил, Еди Меркс, Бернар Ино и Мигел Индураин, со по пет титули. Погачар победи на Џиро д’Италија во 2024 година и ако триумфира во Шпанија, ќе стане само деветтиот возач што ги освоил сите три грантур-трки во историјата, пишува „Би-би-си“. Во 2019 година како млад возач, тој беше трет на оваа трка во Шпанија. Годинашната Вуелта треба да почне во Монако, на 22 август.
– Возбуден сум што можам да кажам дека се враќам на Вуелта. Тоа беше мојата прва грантур-трка во 2019 година и неверојатно искуство. Шпанија е земја што сакам да ја посетувам и да се тркам и мислам дека е вистинско време да се вратам. Мотивацијата е голема да ја завршиме годината на добар начин и Вуелта ќе биде голема цел. Тимот е силен и се надеваме дека ќе направиме добри работи – рече Погачар, пренесе „Би-би-си“.
Погачар победи речиси на сите најголеми трки во спортот. Покрај неговите пет титули на Тур, тој ги освои Трката околу Фландрија (трипати), Милано-Сан Ремо (еднаш), Светското првенство во друмски трки (двапати), Ломбардија (пет пати), Лиеж-Бастон-Лиеж (четири пати) и Џиро (еднаш). Г.И.
ПОБЕДНИЦИ НА СИТЕ ТРИ ГРАНТУР-ТРКИ
Еди Меркс (Белгија) 5 5 1
Бернард Ино (Франција) 3 5 2
Жак Анкетил (Франција) 2 5 1
Алберто Контадор (Шпанија) 2 2 3
Крис Фрум (В. Британија) 1 4 2
Феличе Џимонди (Италија) 3 1 1
Винченцо Нибали (Италија) 2 1 1
Јонас Вингегард (Данска) 1 2 1
колоните се титулите на Џиро
д`Италија, Тур де Франс и на Вуелта

































