- Ако по проекцијата гледачот излезе од киното гледајќи со малку повеќе разбирање кон туѓото искуство или си постави прашања за сопствените предрасуди и очекувања, тогаш чувствувам дека филмот го направил она што требало да го направи, вели Дина Дума
Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е втор филм во режија на Дина Дума. Премиерата ја имаше на фестивалот „Трибека“ во САД, а европската премиера ќе ја има во Сараево. Избран е во натпреварувачката програма на 32. „Сараевски филмски фестивал“ за долгометражен игран филм што ќе се одржи од 14 до 21 август.
Адела, главната хероина во филмот, е девојче со скејтборд од ромската заедница што живее со својата постара сестра Зара и нивната мајка. Во филмот се судираат детската слобода и наследените правила. Филмот не ја користи приказната за Адела како симбол, туку отвора жив комплексен свет… Улогите ги толкуваат: Ефкјар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ, Ганимет Абдула.
Ова е втор игран филм на Дина Дума, која со својот прв филм „Сестри“ имаше извонреден успех бидејќи беше избран од страна на најголемата платформа за филмови Нетфликс. „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац.
По светската премиера на „Трибека“, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ ќе ја има и својата европска премиера во Сараево. Какви се Вашите очекувања од европската публика?
– Многу сум горда што европската премиера ќе ја имаме токму во Сараево. На некој начин, тука и започна патувањето на овој филм. Во 2022 година сценариото беше дел од „Синелинк“, каде што ја добивме наградата „Фимеил војсес“, а токму тој момент ни даде дополнителен поттик да продолжиме да веруваме во проектот. Оттогаш филмот многу се промени. Бевме избрани и за престижниот уметнички престој за развој на сценарио „Ла резиденс“ во рамките на „Канскиот филмски фестивал“. Поминавме низ долг процес на развој, сценариото се менуваше, поминав многу време со заедницата, а филмот постепено стана поискрена и попрецизна верзија на она што сакав да го кажам.
Затоа ми е особено драго што се враќаме токму во Сараево, но овој пат со завршен филм. Имам чувство дека на некој начин го затвораме кругот.
Што се однесува до европската публика, секогаш се надевам на истото, дека ќе влезе во светот на ликовите без предрасуди и дека ќе дозволи филмот да ја води. Иако приказната е длабоко вкоренета во нашето поднебје, верувам дека темите што ги отвора како растењето, слободата, припадноста и потребата да го пронајдеш сопствениот глас се универзални. Секогаш ме радува кога гледам дека токму преку најлокалните приказни луѓето препознаваат нешто многу лично кај себе.
Вашиот филм е препознаен од некои од најреномираните светски фестивали. Што претставува тоа признание за Вас како авторка и што е она што особено Ве радува во начинот на кој досега публиката и фестивалите го прифаќаат филмот?
– Многу ми значи што филмот го препознаа фестивали како Трибека и Сараево, бидејќи тоа се места каде што отсекогаш сум сакала да ги прикажувам моите филмови. Но она што најмногу ме радува не се само селекциите и наградите туку начинот на кој публиката го прифати филмот. Во Њујорк дојде локална публика, која немаше претходна врска со средината од која доаѓа приказната, но беше искрено заинтересирана да дознае повеќе. По проекциите, гледачите останаа да разговараат со нас и со актерката, имаше прашања и споделувања како ги допрела приказната. Тоа за мене беше навистина важно, бидејќи покажа дека филмот може да воспостави блискост и со публика што доаѓа од сосема поинаков контекст. Исто така, многу ме радува што филмот доби добри критики и ја доби наградата „Нора Ефрон“. Беше препознаен начинот на кој ја раскажуваме приказната. Како авторка, тоа ми дава потврда дека една длабоко локална приказна може да допре до луѓе на различни места, без да ја изгуби својата специфичност.

Филмот ја следи приказната на две сестри што растат меѓу современите желби и традиционалните општествени норми. Што Ве инспирираше да ја раскажете токму оваа приказна?
– Идејата започна од една слика што ја видов покрај Вардар во Скопје, млада девојка облечена во шалвари возеше скејтборд. Беше дете, но во начинот на кој се движеше и во нејзиниот поглед имаше некаква зрелост. Таа слика долго остана со мене, затоа што во неа истовремено ги препознав слободата и товарот на прераното растење. Од неа постепено се родија Адела и светот на филмот.
Реалноста беше почетната точка, но филмот не е документарна реконструкција. Приказната и ликовите се фикција, изградени низ долг процес на пишување. Сепак, како што поминував повеќе време во Шуто Оризари, запознавав млади девојки и разговарав со луѓето од заедницата, сценариото постојано се менуваше. Нивните искуства и деталите од секојдневието ги оформуваа сцените. Затоа не би рекла дека едното натежнува повеќе. Фикцијата ми овозможи да ја изградам драматургијата, а реалноста постојано ја проверуваше и коригираше. Балансот меѓу нив беше клучен: да создадеме филмска приказна, но таа да остане цврсто поврзана со животот од кој произлегува.
Насловот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ веднаш отвора прашања за родовите стереотипи. Што симболизира скејтбордингот во филмот и зошто го избравте како важен мотив?
– Скејтбордингот за мене никогаш не беше само спорт. Ме привлече поради чувството што го создава, движењето, ризикот, рамнотежата, падовите и повторното станување. Пред да стане симбол, тој е физичко искуство.
Во филмот, скејтбордингот е еден од ретките простори каде што Адела има целосна контрола врз сопственото тело. Таа сама одлучува каде ќе оди, колку брзо ќе се движи и како ќе го заземе просторот околу себе. Тоа ми беше многу важно, затоа што паралелно со нејзиното растење станува сè поочигледно дека во другите аспекти од нејзиниот живот таа нема да ја има истата слобода на избор. Токму во тој контрапункт лежи значењето на скејтбордингот. Тој не е бегство од реалноста, туку момент во кој Адела може да почувствува што значи да биде целосно своја. Затоа не сакав да го третирам како симбол на апсолутна слобода, туку како нешто многу покревко, како простор што постои само за миг, но токму затоа има толку голема вредност.
По успехот на „Сестри“, и во овој филм во центарот се млади девојки што се борат со општествени притисоци. Што Ве привлекува кон ваквите женски приказни и какви бранови посакувате да предизвикате со нив?
– Она што најмногу ме привлекува е токму периодот на растење, моментот кога младите луѓе почнуваат да сфаќаат дека светот ги гледа поинаку отколку што самите се гледаат себеси. Тоа е период кога се формира идентитетот, кога првпат стануваме свесни за очекувањата, за границите што ни ги поставува општеството и за изборите што ни се дозволени. И во „Сестри“ и во „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во центарот се девојки, но мислам дека двата филма поставуваат различни прашања. Во „Сестри“ ме интересираше односот меѓу самите девојки и потребата да се припаѓа. Во новиот филм повеќе ме интересира односот меѓу поединецот и светот што веќе е дефиниран околу него, семејството, традицијата и општествените очекувања.
Не сакам моите филмови да испраќаат пораки или да нудат готови одговори. Повеќе сакам да создадат простор за емпатија и за разговор. Ако по проекцијата гледачот излезе од киното гледајќи со малку повеќе разбирање кон туѓото искуство или си постави прашања за сопствените предрасуди и очекувања, тогаш чувствувам дека филмот го направил она што требало да го направи.
Филмот е македонско-белгиско-словенечко-хрватска копродукција. Дали меѓународната соработка влијаеше врз развојот на филмот?
– Меѓународната соработка беше многу важна, не само во финансиска туку и во креативна смисла. Околу една многу локална приказна се собраа автори и соработници од Македонија, Белгија, Словенија и од Хрватска, секој со свое искуство и сензибилитет. На сетот паралелно се зборуваше македонски, ромски, француски, англиски, словенечки и хрватски, па таа размена создаде посебна енергија и чувство на заедништво. Иако доаѓавме од различни средини, сите работевме кон истата цел, да останеме верни на светот и на ликовите од филмот.
Особено ми беше важно што дел од странските соработници поминаа време во Шуто Оризари и ја запознаа средината непосредно наместо да ѝ пристапуваат од дистанца. На пример, со директорот на фотографија Фредерик Ноаром многу разговаравме за просторот, светлината и начинот на кој камерата треба да се движи низ тој свет. Така, меѓународната соработка не ја оддалечи приказната од нејзиниот локален контекст, туку ни помогна да го погледнеме повнимателно.
За македонската кинематографија, мислам дека е многу важно домашните приказни да добиваат простор на големите светски фестивали. Тоа покажува дека не мораме да ја поедноставуваме или да ја приспособуваме нашата реалност за таа да комуницира со меѓународната публика. Напротив, токму кога сме прецизни и доследни на средината од која доаѓаме, филмот може најсилно да допре до луѓе од различни култури. Таквото присуство не е важно само за еден филм или за еден автор, туку отвора простор и за следните македонски приказни.































