Македонија бележи најголем раст на минималната плата меѓу европските земји во првите седум месеци од годинава, покажуваат најновите податоци на Евростат. Според анализата, земјата остварила и значителен напредок во рангирањето според стандардите за куповна моќ (PPS), при што се искачила за осум позиции, пренесе МИА.
Според показателот за куповна моќ, Македонија располага со 1.142 PPS единици, со што се наоѓа пред неколку земји-членки на Европската унија, меѓу кои Малта, Словачка, Унгарија и Чешка.
Евростат посочува дека најголемите добитници при споредбата на рангирањето според номиналната минимална плата и според куповната моќ се токму Македонија и Романија.
-Романија се искачува од 20. на 12. место, додека Северна Македонија од 24. на 16. место, при што двете земји напредуваат за осум позиции. Србија бележи напредок од пет места, а Хрватска и Бугарија по три. Најголем пад има Естонија, која се спушта од 16. на 26. место, додека Латвија, Чешка и Кипар губат по четири позиции – наведува Евростат.
Меѓу земјите-членки на Европската унија, највисоко рангирана според куповната моќ е Германија, пред Луксембург, Холандија, Унгарија и Чешка.
Во периодот од јануари до јули 2026 година, минималната плата во Македонија е зголемена за 6,9 проценти, што е највисок раст меѓу анализираните земји. По неа следуваат Романија и Естонија со по 6,8 проценти, Белгија со 5,8 проценти, Грција со 4,5 проценти, Луксембург со 2,5 проценти, Франција со 2,4 проценти и Холандија со 1,9 проценти.
Податоците покажуваат дека само осум од вкупно 29 анализирани европски земји ја зголемиле бруто минималната плата во текот на оваа година.
Највисока бруто минимална плата има Луксембург со 2.771 евро, пред Ирска со 2.391 евро, Германија со 2.343 евра, Холандија со 2.338 евра и Белгија со 2.234 евра.
Интересно е што Македонија, Црна Гора и Србија, иако се земји кандидати за членство во Европската унија, имаат повисока бруто минимална плата од Бугарија, која е членка на Унијата.
Бугарија е на дното меѓу земјите од ЕУ со минимална бруто плата од 620 евра, додека во Македонија таа изнесува 624 евра, во Црна Гора 670 евра, а во Србија 743 евра.































