Trump
Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за целосно разоружување на Хамас и другите вооружени групи во Појасот Газа, оценувајќи го како клучен чекор кон траен мир во регионот, пренесе „АСошиејтед прес“.

Во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“, Трамп наведе дека договорот е дел од мировниот план во 20 точки, претставен минатата година, и дека неговата цел е Газа да биде управувана од нова палестинска влада во соработка со Мировниот комитет.

 – Овој договор е клучен чекор кон тоа Газа конечно да биде управувана од нова палестинска влада, која ќе соработува со Мировниот комитет за да му помогне на палестинскиот народ – напиша Трамп.

Тој додаде дека со спроведувањето на договорот Израел ќе ја добие, како што наведе, „безбедноста што ја заслужува“, а Појасот Газа повеќе нема да се користи како база за терористички напади.

Мировниот комитет, меѓународно тело формирано како дел од мировната иницијатива, потврди дека Хамас се согласил на детален план за спроведување на следните фази од прекинот на огнот во Газа. Според Комитетот, договорот е резултат на повеќемесечни преговори и ќе се реализира по фази.

Трамп изјави дека по завршувањето на процесот на разоружување, израелските сили ќе се повлечат од Газа, додека меѓународните сили за стабилизација, во соработка со новата палестинска полиција, ќе бидат задолжени за одржување на безбедноста.

Според него, конечната цел е Појасот Газа да биде управуван од нова палестинска администрација која ќе работи во интерес на своите граѓани.

Засега не се објавени детали за наводниот договор за разоружување, а Израел и Хамас сè уште официјално не ги коментираа изјавите на Трамп.

Мировниот план во 20 точки, претставен минатата година, претходно доведе до прекин на огнот и размена на израелски заложници за палестински затвореници. Војната започна на 7 октомври 2023 година со нападот на Хамас врз Израел, во кој беа убиени околу 1.200 лица. Во последователната израелска воена офанзива во Газа, според Министерството за здравство во Појасот Газа, загинале повеќе од 70.000 Палестинци.